Спроти референдумот, Иванов со продолжен престој во САД


Претседателот Ѓорге Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, уште од вчера ја почна работната посета на САД, каде што ќе учествува на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Иако неговото обраќање пред Генералното собрание на светската организација е закажано за 27 септември, Иванов замина за САД цела седмица порано.

Македонскиот претседател, како што е најавено, ќе има обраќање на генералната дебата што годинава е на тема: „Да ги направиме ОН релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества“. Се очекува Иванов да се осврне во својот говор и на договорот за името меѓу Македонија и Грција, кој тој изразено го критикуваше во изминатиот период, со исклучок на соопштението од неговата средба пред неколку дена со американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис во Скопје.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, како што се соопштува, предвидено е македонскиот претседател да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади. Се најавува и присуство на Иванов на настанот на високо ниво – „Глобален повик за акција за светскиот проблем со дрогата“, со кој ќе претседаваат претседателот на САД, Доналд Трамп и генералниот секретар на ОН. Македонскиот претседател, како што се соопштува, ќе присуствува и на мировниот самит „Нелсон Мандела 2018“, пленарен состанок на високо ниво посветен на глобалниот мир, а по повод 100-годишнината од раѓањето на поранешниот јужноафрикански лидер.

Во Њу Џерси, како што е соопштено, Иванов ќе оствари средба со претставници на македонската заедница, а во Детроит ќе му биде врачена наградата „Глобален државник“, што ја доделува Обединетата македонска дијаспора. Во Детроит, Иванов ќе одржи и предавање на Државниот универзитет Вејн, во чии рамки е школата за бизнис „Мајк Илич“, ќе оствари средба со македонската црковна заедница.

Иванов патува во САД во придружба на неговата сопруга Маја Иванова. Таа ќе присуствува на настан во организација на првата дама на САД, Меланија Трамп, како и на настан на високо ниво кој го приредува првата дама на Турција, Емине Ердоган. Иванова во Детроит ќе ја посети Детската болница на Мичиген.

Во соопштението од кабинетот на Иванов нема информација кога завршува неговата посета на САД. Првичните најави беа дека македонскиот претседател ќе остане во Америка до 28 септември, но потоа од кабинетот имаше најава дека шефот на државата нема да може да учествува на референдумот затоа што на 30 септември нема да биде во Скопје.

Иванов ќе ја претставува Македонија на 73. сесија на Генералното собрание на ОН, по принципот на ротација, а откако минатата година во Њујорк беше премиерот Зоран Заев.

Оваа сесија на Генералното собрание на ОН е отворена од вторникот – 18 септември, а генералната дебата на високо ниво почнува следниот петок – на 25 септември и треба да трае девет работни дена. Иванов ќе се обрати на третиот ден од почетокот на генералната дебата. Во понеделник, 24 септември, Генералното собрание на ОН ќе одржи пленарен состанок на високо ниво, по повод стогодишнината од раѓањето на Мандела. Паралелно со 73. заседание на Генералното собрание на ОН ќе се одвиваат и голем број други настани. (А.М.М.)