Спогодбата: Aнонимни експерти и лажни вести


 

Ило Трајковски

Ете и тоа бидна! Не се остварија очекувањата на македонските етнонационалисти дека само нивните грчки пандани може да нѐ „спасат“ од претпоставено катастрофалната спогодба на која пристанал премиерот Зоран Заев. Ципрас ги издржа нивните противења и спогодбата се потпиша. Македонскиот парламент ја ратификуваше. И покрај противењето на грчките и македонските националисти тркалото се придвижува. Според едни, кон национална пропаст (на Македонците „гарант“), а според други, кон национален просперитет (на Македонците, се разбира, но и Грците, секако, ќе ќарат некое евро плус). И сега!?

Пак како во 2005 година – народот на референдум! Ќе решава за тоа која од овие две визии му се чини пореална. Од народот се бара да се искаже кому повеќе му верува. На оние кои наоѓаат дека потпишаната спогодба е национална капитулација или на оние кои тврдат дека таа е национален триумф, „еднаш за секогаш“ признавање на македонскиот јазик и македонската нација! А кому да поверува народот?!

Клучна улога во тоа ќе одиграат јавните претставувања и дискусии во врска со потпишаната спогодба. Не толку она што навистина е напишано и содржано во самата спогодба, туку повеќе она како напишаното ќе биде протолкувано и претставено пред јавноста. Во тој кампањски потфат и власта и опозицијата си имаат свои калкулантски сметки. Тие се чисто партиски. Едните да го оправдаат потпишаното, било заради тоа што искрено се убедени во неговата исправност, било поради тоа што признавањето на слабости на Спогодбата би значело крај на нивното владеење. Опозицијата, обратно, поради тоа што е убедена дека таа можела и подобро, но и поради очекување дека со ширење катастрофични толкувања ќе придобие повеќе заплашени граѓани.

Пред некој ден разговарам со еден пензионер. Учен, со видна професионална биографија и чесен човек. Бесен како некој се дрзнал државата да ни ја преименува во „Република на север од Македонија“. Ми кажува дека такво нешто ниту еден разумен човек не смее да помисли да прифати. Се согласувам со него. Тоа е надвор од памет. Но, велам, тоа е лажна информација. Спогодбата не содржи такво нешто. Повторно беше шокиран. Ми поверува – долго се знаеме. Но, како може, вели, низ стиснати заби, некој така да манипулира со целата јавноста! Никаква одговорност за тоа! Какви се тоа јавни интелектуалци!

Може! Прво, затоа што многумина како него не помислуваат да ја прочитаат сами Спогодбата, па потоа да судат со својот ум. Не само поради тоа што немаат време. Второ, и поважно, е тоа што јавноста не е систематски поттикнувана и насочувана на таков однос. Напротив. Овде традицијата, која е утврдена уште по прогонувањето на богомилите, подучува да не се угледуваме по она што прават, туку по она што ни кажуваат дека прават! А ако читањето и пишувањето е некако правење, испаѓа дека не треба да читаме! Тие ќе ни протолкуваат. И го прават тоа.

Некои веќе прават списоци, кој е за, а кој против Спогодбата. Научени се на тоа, тоа најдобро го знаат. Ловот на души е почнат. Како и во 2005 година. И тогаш и сега се прашувам: каков ќе биде исходот од референдум во расипано општество?! Во споредба со 2005 денес се станати уште поизлошени, уште побескрупулозни. Се извештија и во манипулацијата. Се прошири и кругот на манипулатори. Лажни вести шират и универзитетски професори! Клетвите веќе одамна од највисоко ниво се промовирани како начин за пренесување пораки кои продираат до најдлабоките пориви и мотиви.

А простор за тоа колку сакаш. Мнозинството население трауматизирано по многубројни основи. Освен тоа, објаснувањето на Спогодбата и нејзините последици е оставено главно на премиерот и најтесниот круг политичари околу него. Да, на јавна сцена се појавија повеќемина апологети на потпишаното. Некои со додворувањето отидоа до таму да предложат и Нобелова награда за потписниците. Но, досега не чувме ниту едно искажување од експертите кои, претпоставуваме, како консултанти биле ангажирани во формулацијата на рамката и на конкретните решенија на Спогодбата. Тие остануваат анонимни! А има горлива потреба од нивно пројавување заради стручно информирање на јавноста. Во спротивно, стравот од непознатото и, згора на тоа, протолкувано како застрашувачко за иднината, ќе резултира со поклонување доверба и на најекстремните „бранители“ на македонската нација, не само во ВМРО-ДПМНЕ туку и надвор од него – независно од нивните фактури.

Јас како и многумина други кои стоеја на став за разумен компромис се израдував на спогодбата. Конечно, помислив, нешто да се договори. Но по исчитувањето на истата не сум убеден дека тоа е тоа што може да биде. Некои елементи од спогодбата, така како што се напишани во англиската верзија или така како што се преведени во македонската верзија, или, пак, како што се усно протолкувани, се едноставно недопустливи од државно-правна и политичка гледна точка. Други се недоследни, а трети целосно неостварливи.

Овде не мислам на согласноста за промена на името на државата. Тоа го прифативме, се чини, како нужна жртва во име на нашите поголеми национални цели. Мислам дека и конкретното решение („Република Северна Македонија“) има географска и политичка оправданост. Сепак, се исчудувам над решенијата со кои нашиот статус како странка во спорот е спуштен на многу пониско ниво во споредба со статусот кој го имавме во Привремената спогодба од 1995 година! Таму двете страни разговараа и решаваа разлика во однос на името на едната страна. Овде, во сегашната спогодба, субјект е единствено првата страна (именувана како Грција). Втората страна, односно Република Македонија, не е ниту именувана. Таа е опишана како „..страна која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г….!“

Безимената втора страна прифатила работи кои се чисти прашања на внатрешниот државен суверенитет. На пример, кој ќе биде службен јазик во државата (македонскиот) или дека уставот ќе содржи член кој ќе биде во согласност со член на уставот на Првата страна или дека повторно ќе бараме прием во НАТО и ЕУ, но сега со новото име! Од поинаква, но сепак, подеднакво потценувачка природа се решенијата од прифаќањето на принципот erga omnes на кој инсистирала првата страна.

И сето ова и уште многу друго се трампело за признание од Првата страна дека официјалниот јазик е македонскиот јазик и дека националноста е македонска! Но, при тоа и во однос на двете работи има дополнителни процизирања. Јазикот е прифатен како македонски поради тоа што така е заведен од ОН од уште во 1977 година. Националноста, пак, е дополнително оквалификувана и во англиската, и во грчката, и во македонската верзија во граѓанска (државјанска), а не во етничка смисла на зборот.

Овие и многу други прашања бараат објаснувања. Не од политичарите туку од експертите кои ги прифатиле како такви. Главна улога во тоа треба да има Владата. Само така ќе можат граѓаните информирано да ја промислат од нив очекуваната референдумска одлука која ќе има далекосежни последици.