Спасовски ја угости осудената Талевска


Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера оствари работна средба со претседателката на Македонската асоцијација на новинари, Ивона Талевска, која неодамна во предмет на СЈО беше осудена со парична и условна казна од две години затвор за затајување данок. Талевска беше позната како голем бранител на претходната власт, а преку уредничките позиции во два медиуми учествуваше во конструирањето на атмосферата на линч на политичките проитвници на тогашната влада.
Според пресудата на судијката Сафија Лаличиќ (една од ѕвездите во „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата), новинарката и бизнисменка ќе заврши во затвор доколку во наредните четири години стори ново кривично дело. Талевска, која во меѓувреме стана претседател на МАН, треба да ја врати и целата сума, 2,5 милиони денари, а дополнително да плати и 76 илади денари, како трошоци за вештачењето на СЈО. Претходно таа се изјасни за виновна.
На средбата која предизвика големи реакции во јавноста Спасовски и Талевска разговарале за случаите со нападите врз новинарите во последните пет години, говорот на омраза и повици за насилство врз новинарите, како и мерките што ги презема МВР за зголемување на безбедноста на новинарите при известување од јавни собири.
,,Министерот Спасовски потенцираше дека сите напади врз новинари кои се случиле по 1 јуни 2017 година се расчистени од страна на Министерството за внатрешни работи, а МВР презема низа активности за подобрување на соработката со организациите на новинарите. Министерството за внатрешни работи веќе имплементира проекти во соработка со ОБСЕ и Здружението на новинарите на Македонија за зголемување на безбедноста на новинарите, а соработката со Македонската асоцијација на новинари дополнително ќе придонесе за тоа“, се вели во соопштението. (Н.В.)