Спасовски: Се обработуваат снимките од инцидентот со полицајката


Снимките од камерите на Град Скопје од инцидентот со полициската службеничка кај трговскиот центар „Мавровка“ се обработуваат. Одговорно тврдам дека тоа што беше вчера соопштено е документирано и е предадено во јавното обвинителство. МВР стои на располагање да се расветли случајот до крај, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој ги повика сите кои биле очевидци на настанот или имаат снимка да се обратат во МВР. Спасовски рече дека не го интересираат никакви функционери и дека како одговорен човек почувствувал обврска да ја повика неговата колешка и да разговара со неа.

„Не ме интересират никакви функционери од која било политичка партија или носители на државни функции, туку ме интересираат полицијаците, Уставот и граѓаните. Полицајците ќе имаат моја целосна поддршка во секој момент да постапуваат согласно законските овластувања. Постапувањето на колешката треба да биде пример за секој полицаец и за секој што сака да ги почитува законите во државава“, рече Спасовски.

Вчера Министерството за внатрешни работи ги отфрли наводите во дел од јавноста дека Бекир Асани, функционер на ДУИ, физички ја нападнал полицајката Јасмина Јаначковска.

„Исто така, категорично ги отфрламе како невистинити инсинуациите дека врз полициската службеничка е вршен било каков притисок од раководството на МВР во врска со овој настан. Министерството за овој и за сите други случаи настапува максимално транспарентно со единствена цел јавноста да биде вистинито информирана“, соопшти МВР.

Јаначковска изјави дека непотребно се кренала врева за целиот случај со нападот и повтори дека немало физички контакт во ниту еден момент.

Јаначковска рече дека била во болница, но тоа било превентивно бидејќи почувствувала болка од ударот во специјалното возило „пајак“, а лекарите утврдиле дека нема никакви повреди.