Спасовски: Полицијата ќе ја штити тајноста на гласот


Министерот за внатрешни работи апелира до граѓаните да пријават во најблиската полициска станица доколку кој било врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела.
-Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран секаков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата по денешната посета на СВР Куманово и локалната самоуправа.

Спасовски ги информираше медиумите дека на средбата со раководството на СВР Куманово, како и на посетите кои во текот на септември се реализираа во другите сектори за внатрешни работи, се разговарало за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за сѐ да мине во најдобар ред, односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.

– МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран, рече Спасовски.