Спасовски од Штип: ВМРО ДПМНЕ бараа амнестија за Груевски и Мијалков во замена за повик да се излезе на референдум


ВМРО ДПМНЕ како услов да го повика своето членство да излезе на референдумот и да гласа за европска македонија побара гаранција од наша страна за амнестија за Груевски, Мијаков и нивното потесно политичко опкружување. Ние не прифативме и тие постапуваат така како што сега постапуваат. Им рековме дека секој има да одговора за своите постапки и од тоа нема да има бегање. Ова, на синоќешната дебата во Штип по однос на неделниот референдум го рече Оливер Спасовски, министер во МВР.

Спасовски ги охрабри граѓаните на 30 септмеври слободно и достоинствено да излезат на своите гласачки места и да го дадат својот глас за Македонија во НАТО и во ЕУ.

„Триесетти септември не е ден за домашни работи. Тоа е ден кој сите ние треба да го посветиме на крупни, на државни работи. И затоа мораме масовно да излеземе и воопшто да не ни е гајле што некои одат по домовите и кажуваат дека тие ќе го спречиле слободното граѓанско изјаснување и остварувањето на нашата голема национална цел. Нека не ги лаже умот дека можат да направат било што за да ги спречат граѓаните слободно да ја изразат својата воља, а со тоа и да го спречат успехот на референдумот. Нека не се лажат тие околу Мицковски, околу Бачев и околу некои други таканаречени лидери дека ќе ги сликале граѓаните како влегуваат во своите избирачки места. Тие мора да знаат дека ќе има одговорност уште на самиот почеток на неделниот ден за секој кој ќе се обиде да го руши референдумскиот процес. Ќе одговара секој кој ќе се обиде да ја руши иднината на нашата Македонија“, рече Спасовски.

Тој порача дека раководството на ВМРО ДПМНЕ ги отфрлило и оние свои членови кои на 27 септември насилно влегоа во Собранието на Македонија, па сега бегале и се оградувале од нив. –„Истото ќе се случи и со оние кои под притисок на спомнатите лидери ќе се обидат да го заплашуваат народот на денот на референдумот“, порача Спасовски.

Спасовски ги повика сите граѓани на Македонија да го дадат својот личен печат во остварувањето на вековниот сон на нашиот народ за европска Македонија, и за НАТО како гарант на нашата безбедност.