Спасовски: На 30 септември на Македонија ќе ѝ обезбедиме иднина и развој


Да се обединиме и да се направи сé и да ја извојуваме најголемата битка за Македонија на 30 септември со која ќе ѝ обезбедиме иднина и развој и да покажеме дека сме силни вредности, со оваа порака зборови потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ја побара поддршката од гостиварци на вечерашната граѓанска трибина.

Спасовски во амфитеатарот во градскиот парк зборуваше за аспектите од зачленувањето на земјава во НАТО, Европската унија и за „Преспанскиот договор“.

Во обраќањето тој ја истакна важноста од давањето на поддршка на референдумот, бидејќи како што рече, тоа е прашање околу кое треба сите да се обединат.

– Ова е прашање за сите нас и прашање над сите прашања. На овој референдум нема да гласаме за политички партии, туку за Македонија. Тука е таа одговорност која паѓа на сите нас. Овој процес мора да го добиеме по секоја цена, бидејќи е процес кој ни ги отвора перспективите за идните генерации, рече Спасовски.

Зборувајќи за важноста од зачленувањето во НАТО и придобивките кои претстојат, Спасовски посочи дека нема друга алтернатива за Македонија, а политичките противници не нудат ништо.

– Членството во НАТО за Македонија нема да значи само безбедност, туку затворање на сите отворени прашања за интегритетот. Со членството единствено добива граѓанинот, ќе загубат залутаните политичари кои претходно креирале политики на рушење на безбедноста, подвелече Спасовски.

Потпретседателот на СДСМ во обраќањето напомена дека во овој период, земјата добива силна поддршка од страна, бидејќи, како што напомена, ова е период на огромна одговорност за да се обезбеди иднината на Република Македонија.

Спасовски пред трибината имаше средба со жителите на селото Тумчевиште, каде зборуваше за важноста на референдумот и неговата историска важност.