Спасовски: Дипломираните на Факултетот за безбедност ќе го најдат своето место во МВР


МВР како институција има примарна цел што повеќе да се отвори за целосна и континуирана соработка со младите образувани кадри од областа на безбедноста, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред дипломираните студенти и магистри на Факултетот за безбедност во Скопје.

– Институциите и општеството се должни да ги отворат сите перспективи за што поквалитетна професионална реализација на луѓето. Ние сме свесни дека ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на новите современи, стручни сознанија, без континуирана образовна надградба на луѓето кои ја сочинуваат институцијата, истакна Спасовски.

Министерот потенцираше дека е уверен оти дипломираните студенти ќе го најдат своето место во општеството вклучително и Министерството за внатрешни работи со кое тој раководи.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи на дипломците им порача дека без квалитетен инпут на нова интелектуална сила, без експертизата и знаењето кои доаѓаат од образовната подготовка, но и без новите прогресивни вредности и сфаќања кои, како што рече, ги вдахнуваат во општеството, Македонија нема ниту шанса да се приближи до европските вредности, а уште помалку да ги постигне европските стандарди за влез во Унијата.

– Од целиот интелектуален подмладок, Факултетот за безбедност, е веројатно и најважниот креатор на кадар за европските и евроатлантските интеграции, од каде и се очекуваат најсилниот инпут на интелектуален потенцијал за европските и евроатлантските интеграции во општеството. Иако за жал премногу доцна во развојот на државата, сепак, вашата генерација можеби ќе ја има таа среќа да влезе во интелектуалниот пул на кадри токму во годината кога се очекува и одлуката за преговори од страна на Европската Унија, рече Османи обраќајќи им се на дипломираните студенти.

Османи ја истакна новата студиска програма на факултетoт „Безбедност и евроатлански интеграции“, на која оваа година прв пат се запишани студенти, чии квалификации, како што рече, на голем број места во државава со нетрпение се очекуваат.

– Велам со нетрпение, затоа што и во моментов државната администрација има недостиг на квалитетен кадар кој има познавања од европските и евроатлантските интегративни процеси, а европските интеграции во оваа фаза, според количината на обврски и потребна експертиза, може да се каже дека се уште не се ниту започнати, истакна Османи и додаде дека поради недостиг, но и поради одлив на кадри, овие позиции и сега едвај се пополнуваат и дека вистински предизвик претставува подготовката на структурата за процесот на преговори.

Ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Сашо Коруновски на дипломираните студенти им порача да го продолжат своето образование и да го надоградат своето знаење.

– Избравте да се занимавате со една чесна и значајна работа. За да сте најдобри во тоа треба континуирано да се едуцирате, но пред се треба да бидете почитувани и добри луѓе, за себе и за другите, истакна Коруновски.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски на Спасовски и Османи им порача да имаат предвид дека зад едукацијата на дипломираните студенти стојат токму професорите на Факултетот и дека можат да сметаат на нивното знаење кое ќе можат да го искористат за напредокот на државата.

На свеченоста на Факултетот за безбедност во Скопје денеска беа промовирани 78 дипломирани студенти и десет магистри.