Со јавен повик до авторите ќе се избира песна за Евровизија 2018


Македонската Радио Телевизија упатува јавен повик за избор на композиција којашто ќе ја претставува Р. Македонија на претстојниот Избор за Песна на Евровизија 2018 во Лисабон, Португалија.

Се покануваат авторите и музичките продуценти од Р.Македонија и пошироко, да ги достават своите музички предлози (во демо или финализирана верзија) и со својот креативен труд да учествуваат на јавниот повик, со цел да се избере најдобрата песна претставничка за Лисабон 2018.

Согласно Правилата на ЕБУ, предлог композициите задолжително се во траење до најмногу 3 минути и во никој случај не смеат да бидат претходно објавени или јавно изведени.

Македонската Радио Телевизија како носител на лиценцата за Избор на Песна на Евровизија , донесе одлука за формирање на релевантно професионално жири, коешто ќе има за цел избор на композиција, а врз основа на избраната композиција, ќе предложи и изведувач или група изведувачи, коишто истата ќе може најдобро да ја исполнат на евровизиската сцена.

Членовите на авторскиот тим на одбраната композиција, ќе бидат лично контактирани од страна на Македонската Радио Телевизија, за понатамошно исполнување на процедурата за соработка и договор. Македонската Радио Телевизија својата финална одлука ќе ја објави по резултатите од работата на жири комисијата. Јавниот повик е отворен до 8-ми февруари 2018-та година.

 

Ова ќе биде 18 учество на Македонија на Евровизија.

Евросонг ќе се одржи под слоганот All Aboard!. Двете полуфинални вечери се закажани на 8 и 10 мај, а големото финале ќе се случи на 12 и дел од него ќе бидат 27 земји од вкупно 43 земји учеснички. Земјите учеснички, покрај Македонија, се : Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грузија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Велика Британија.

Лани во Киев, Украина, боите на нашата земја ги бранеше Јана Бурческа со темата “Dance alone“ и за жал не се пласира во финалето.

Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Најдобриот пласман Македонија го имаше во 2006 година, кога наш претставник беше Елена Ристеска со темата “Нинанајна”. Од поранешните Ју-републики само нашата земја и Црна Гора никогаш не успеале да се најдат меѓу најдобрите 10 земји. (Л.С.)