Со црвени корпи ќе се подобрува јавната хигиена


Клупите и корпите за отпадоци што во иднина ќе се поставуваат низ градов нема да бидат стилски, како што практикуваше претходната градска власт. Новата урбана опрема што ќе се монтира ќе биде модерна, креативна, замисла на сите заинтересирани креативци. Корпите ќе бидат црвени или, пак, на нив ќе доминира таа боја, оти така ќе биле повпечатливи и ќе помогнеле за подигнување на степенот на јавната хигиена.

Така замислиле од Град Скопје, чии претставници, на чело со градоначалникот Петре Шилегов, денеска пред студентите ги појаснија критериумите од конкурсот за идејно решение-дизајн на урбана опрема(клупи, корпи за отпадоци и заштитни столпчиња за зеленило).

„На градот му треба нов лик. Студентите и младите треба да го дизајнираат градот онака како што тие го замислуваат. Да направиме една нова приказна на градот, да го зголемиме нивото на креативност и конкурентност. До сега решенијата се бирале во бараките во Град Скопје. Не робувајте на стереотипите што ги има во градот, употребате ја вашата слобода и креативност, но понудете решенија кои се изводливи“, им порача Шилегов на студентите.

Од Градот презентираа дека на конкурсот, кој ќе биде распишан деновиве, ќе се бара дизајн, идејно решение за два вида клупи и корпи. Едните ќе бидат наменети за плоштади и паркови, а друг тип за покрај сообраќајници. Конкурсот ќе трае 35 дена. Авторот на првонаграденото идејно решение ќе биде добие 300 евра, а 150 евра е наградата за второрангираниот. (Д.Т.Д.)