Со парите за Нова Година, Град Скопје донираше апарати во Детската болница „Козле“


Дванаесетканален апарат ЕКГ, монитори за контрола на одредени параметри за следење на состојбата на тешко болните деца и перфузор за давање прецизна терапија доби денеска Детската болница Козле.

Медицинските апарати се во вредност од 10 илјади евра и се донација реализирана со пренамена на средства на „Македонски Телеком“ и на Град Скопје планирани за пречекот на Новата година.

Директорот на Детската болница Козле, Ангелчо Андоновски, посочи дека станува збор за дијагностика која им е неопходна. Потенцира дека болницата постои од 1965 година и во неа освен белодробни заболувања се третираат и други патологии.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека апаратите кои се донирани ќе го забрзаат процесот на дијагностицирање и ќе го намалат периодот на чекање за добивање квалитетна и соодветна дијагноза на болните деца.

– Тука има пациенти од цела Македонија и сметавме дека е едно од најсоодветните места каде ќе можеме да ја намениме нашата донација. Грижата за здравјето на граѓаните, грижата за здравјето на децата е наш приоритет. Се надевам дека соработката што ја имаме со донаторот ќе ја продолжиме и во иднина – изјави Шилегов.

Главниот извршен директор на Македонски телеком, Андреас Елснер рече дека со донираните медицински апарати кои ќе се подобри здравјето и квалитетот на живот на децата.

Детската болница „Козле“ особено е полна со пациенти во зима, во ек на сезона на настинки и грип. Во моментов овде се хоспитализирани 86  деца, главно со пневмонии.