Со отворањето на новата административна зграда во Струмица, две други станаа руини


Новата административна зграда, што пред две години беше пуштена во употреба и за чија изградба поранешната Влада потроши 50 милиони денари, затвори други две во центарот на градот и ги претвори во руини, пишува МИА.

Имено, во новото административно седиште, што се простира на повеќе од 2.000 метри квадратни, се преселија подрачните одделенија на Дирекцијата на УЈП, Катастарот, Управата за имотно правни односи и Управата за матична евиденција. Порано тие беа сместени во неколкукатниот објект на поранешната Служба за општествено книговодство и во објектот на УЈП. И двата се во строгиот центар на градот, наспроти ТЦ „Глобал“. Сега се празни и оставени на забот на времето.

Нови објекти оставени за забот на времето

Објектот во кој порано беше сместена УЈП сега е претворен во руина, со искршени стакла на влезната врата и прозорците, искинато знаме и со реа на напуштен простор која се шири наоколу.

Честа на поранешниот објект, во кој беше сместен СОК и трезорот на НБРМ, сега ја чуваат вработените во Централниот регистар. Тие се сами во големата зграда и на вториот кат од неа ги извршуваат своите работни задачи.

На влезот во зградата, која некогаш беше гордоста на Струмица, ќе ве пречека непријатен мирис и известување дека лифтот не работи, а на првиот уште едно известување дека не работи и тоалетот. Додека се искачувате до вториот кат по скалите ќе го избегнувате паднатиот малтер и бојата со која биле бојадисани ѕидовите на скалите.

Вработените во Централниот регистар не сакаат многу да зборуваат за состојбата во која се наоѓа објектот и во кој останаа само тие.

-Порано тука беа инспекторите од УЈП и Управата за имотно правно односи, како и Трезорот на НБРМ. Сега сме сами. И самите видовте во каква состојба е објектот. Не е во ред едно да се гради, а друго да се урнува. Се надеваме дека објектот повторно ќе заживее и нема да бидеме сами тука, велат дел од вработените во Централниот регистар во Струмица, кои сакаат да останат анонимни.

И граѓаните кои ги анкетиравме велат дека не е убаво напуштените згради да се оставаат на (не)милост на природата и луѓето.

-Срамота е тоа што се случува со објектот каде порано беше УЈП. Таков недомаќински однос има само кај нас. Да ја напуштиш зградата и да заминеш во нова и никој да не води сметка што ќе се случи потоа е голема неодговорност, вели еден граѓанин.

Друг граѓанин вели дека поранешната убава зграда на Службата за општествено книговодство е срам за градот да биде празна и полека да се распаѓа.

-Со оваа зграда долго време се гордеевме. Ја имаше на некогашните разгледници од градот и порано беше чест да се влезе во неа. Пред неколку денови влегов таму за да завршам работа во Цетралниот регистар и имав што да видам. Се се распаѓа. Час поскоро треба нешто да се преземе, вели друг граѓанин.

Поранешната грдотија „роди“ две нови

Поранешната зграда на струмичката полиција, која пет години беше оставена на забот на времето и беше голема грдотија во центарот на Струмица, се шпекулираше дека ниту се реконструира, ниту се заштитува, се со цел да се продаде на некој близок бизнисмен со тогашната власт. Со одлука на Владата беше обновена во барок стил.
Новата зграда прво беше пуштена во употреба на почетокот на април 2016 година, а дури по неколку месеци таму се преселија локалните служби на државните институции, иако беше најавувано дека тоа ќе се случи за два месеци.

Во периодот кога почна обновувањето на некогашниот објект на СВР Струмица повеќе граѓански организации протестираа против барокната фасада на новиот објект и фактот дека непотребно се трошат многу пари. Дури неколку недели собираа и потписи за да запре изградбата.

„Струмица е европски град, град со своја повеќевековна традиција, обичаи, култура и културно живеење и струмичани многу добро знаат што е потребно, а што не во нивниот град“, беа најчестите изјави на граѓанските организации.

Апелите на граѓанските здруженија никој не ги прифати, а единствената барокна зграда во Струмица стана новиот административен центар на општината.

Под општински покрив државни интитуции

Дека државата се помалку води грижа за своите објекти, покажува и податокот што дел од некои институции што се под капа на државата повеќе од две децении користат простор во зградата на општина Струмица. Таму се сместени подрачни единици на Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Трудовата и Санитарната инспекција и Државната изборна комисија.

Според секретарот на општината, Александар Оџаков, овие институции се сместени во општината од 1996 година и понатаму остануваат тука, иако општината има потреба од простор.

– Овие простории им се отстапени на овие министерства и инспекции и имаат право на користење. Кога ќе заминат од нашите простории не можам да кажам, но правиме напори да го решиме просторниот проблем бидејќи сега има место каде можат тие да се сместат, вели секретарот на општина Струмица, Александар Оџаков.

Инаку, сопственик на новата административна зграда, како и на двете што сега се распаѓаат, е Министерството за финансии. Иако од таму побаравме став за овој проблем уште на 23 минатиот месец досега не добивме информација што ќе прави државата со двете згради, кои се празни подолго време и дали се размислува за нивна пренамена или можеби продажба.