Со „Мој Карпош“ попусти на забар и на фризер


Карпошани ќе добијат картичка со која ќе можат да пазаруваат, да се хранат или да користат медицински или други услуги по пониски цени. Ресторани, кафулиња, стоматолошки и офталмолошки ординации, фризерски салони, бутици…. се приклучија на општинскиот проект „Мој Карпош – моја картичка“, кој ќе започне официјално да се спроведува од средината на септември. Повеќе од 230 фирми, кои работат во општината Карпош, ќе им понудат попуст на своите производи и услуги на жителите кои ќе ја имаат картичка „Мој Карпош“.

Секој жител на општината, постар од 13 години, ќе може преку архивата, месните заедници или онлајн на сајтот на Карпош да аплицира и бесплатно да добие персонализирана картичка за попусти и други бенефиции. Целта, според градоначалникот Стефан Богоев, е да се раздвижи локалната економија, граѓаните да добијат производи и услуги по пониски цени во својата општина, а фирмите да добијат повеќе клиенти и заработувачка.

„Со овој проект добиваат сите. Граѓаните ќе заштедуваат, а истовремено фирмите повеќе ќе заработуваат. Иако економски е нелогично, сепак е изводливо. Целта ни е нашите жители сите свои потреби да ги задоволат во својата општина на квалитетен начин и со поволни цени. Имаме 52.000 гласачи, ако ги додадеме и младите над 13 години кои можат да имаат картичка, доаѓаме до сериозна бројка на клиенти за фирмите“, рече Богоев.

Во следните два месеца ќе биде изработена и веб-страница каде што ќе бидат наведени сите фирми кои нудат попусти, а планирано е и развивање мобилна апликација. Секоја од компаниите ќе одлучи колкав процент попуст ќе додели, во кој дел од денот или на кои услуги, а сите информации граѓаните ќе можат да ги прочитаат на веб-страницата. Концептот на проектот, посочи градоначалникот Богоев, ќе биде флексибилен и ќе се моделира со текот на времето, според потребите на граѓаните и на стопанствениците.

За стоматологот Данчо Бизевски, „Мој Карпош – моја картичка“ е пример за проект од граѓаните за граѓаните, кој треба да донесе бенефит за сите страни. Тој посочи дека неговата ординација „Нова дентал груп“ и сега соработува со граѓаните на два проекта, за дентален туризам и за намалување на загадувањето на воздухот, преку кој сите клиенти што доаѓаат на преглед со велосипед или јавен превоз веќе добиваат попусти на услугите.

Сања Наумовска