Со европските прваци за прво место
Победата против Црна Гора од 29-28 во второто коло од ракометното Европско првенство во Хрватска е заборавена. Сите мисли во црвено-жолтиот табор се насочени кон попладневниот трет дуел од групата Ц против Германија што со почеток од 18.15 часот се игра во загрепска „Арена“. Македонија сигурно ќе игра во вториот круг од натпреварите, но по денешниот меч ќе се знае со колку бодови се селиме во Вараждин. Се пренесуваат поените добиени единствено со противниците што продолжуваат натаму, Македонија има сигурни два, без оглед дали натаму ќе одат Словенија или Црна Гора, но евентуален успех во натпреварот против актуелниот германски првак ширум ќе ни ги отвори вратите од полуфиналето, иако никој во нашиот табор не сака јавно да создава непотребен притисок.
„Имаме старт од соништата на едно првенство. Победени се квалитетни ривали како Словенија и Црна Гора. Особено е добро што ги решивме во последните минути, а со тоа покажавме дека имаме самодоверба. Кога победуваш вакви дуели и заморот исчеснува и присутни се позитивни мисли. Цврсто стоиме на земја. Германија е квалитетна, но нивниот дуел со Словенија покажа дека може квалитетно да се носиме.Задоволен сум што ростерот се зголемува, добиваме нови играчи на кои ривалот треба посебно да внимава сега и затоа им е потешко“, потенцира капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров.
Селекторот Раул Гонзалес смета дека Германија ќе стигне до полуфиналето и оти станува збор за исклучително силен тим.
„Треба да веруваме во себе. Ќе биде многу тешко, но ќе сториме сѐ за да дојдеме до позитивен резултат“, истакна шпанскиот стратег.
Германија со многу мака и со ветар во грб од судиите (последниот гол е регуларен, помошта ја добиваа во текот на мечот) стигнаа до реми со Словенија, која ние ја победивме на стартот од натпреварите. Во првото коло со 13 голови разлика ја поразија Црна Гора.
„Очекувам голема борба, наше е да дадеме сѐ од себе, па што биде нека биде“, изјави пикерот Столе Стоилов.
Германскиот селектор, Кристијан Покоп реши да го искористи правото за замена пред дуелот со Македонија, па 201 сантиметри високиот Фин Лемке ќе игра место Бастијан Рошек.
„Сакам да играме уште пофизички во одбраната“, рече Прокоп.
Македонските навивачи се во делириум, вечерва во Загреб се очекуваат околу пет илјади припадници на популарната „фаланга“, која е хит во Хрватска. Во следната фаза, Македонија ќе игра против Шпанија и најверојатно, против Данска и Унгарија. Само првите две од шесте тима одат во полуфиналето, каде што ќе се вкрстат со тимовите од втората четвртфинална група што ќе се игра во Загреб.