Со воведен збор на одбраната продолжи судењето за крвавиот четврток


Со воведен говор на бранителот Дончо Наков денеска продолжи судењето за настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија за кои се обвинети 33 лица, од кои 31 одговараат за „тероризам“, а две за „помагање“.
Наков е бранител на обвинетите Љубен Арнаудов, Абдуљ Фетаи, Владо Јовановски и Богдан Илиевски – Бетмен.
Според најавите од судијката Добрила Кацарска, се очекува на денешното рочиште да завршат воведните говори на одбраната.
Кај Богдан Илиевски Бетмен и Владо Јовановски, а делумно и кај Љубен Арнаудов според Наков делото тероризам е сторено со зборови.
Во меѓувреме, група граѓани со знамиња протестираат пред Кривичен суд.
Првото рочиште за настаните во Собранието на 27 апри се одржа вчера со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на дел од обвинетите.
На обвинителната клупа во судот вчера седнаа Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска – Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски – Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски – Нинџа и Митре Питроповски.
Судијката Кацарска која го води предметот закажа вкупно 37 термини за главната расправа.