Со балканските ѕвезди одблиску: Северина мириса опојно, Бадриќ шири позитивна енергија


Медиумите за нив постојано пишуваат, фановите се поистоветуваат, мажите и жените сонуваат. Нивните песни најмногу се слушаат, нивните концерти се најпосетени, нивните емисии најмногу се гледаат, тие во своите фели најмногу заработуваат. Ве привлекуваат со својот изглед, харизма, имиџ и професионализам.

Кога ја здогледав прв пат во живо хрватската ѕвезда Северина (46) во хотелот „Александар палас“ во Скопје, прво го почувствував нејзиниот опоен парфем. Зад облакот од раритетниот парфем „Ексцентрик молекула“, се појави убавица, мала по раст, ама со харизма, стегната во комбинезон, со совршени црти на лицето, со напрчени усни за кои сè уште се дебатира дали ѝ се силиконски или не, со нежна кожа и преубави гради. Разговорот со неа ви открива културна, искусна и духовита жена која на секое прашање ви дава интересен одговор. Севе национале, среќно мажена, пееше низ многу градови во Македонија – во Скопје, Струга, Прилеп, Куманово…, и на концерти, и на тезги, и како заштитно лице на познати брендови. Во Македонија се чудат како тоа таква ѕвезда, а пее во Куманово или Прилеп… Ама фановите се среќни, а и нашите локални бизнисмени.

Е, хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ (46), сепак, најмногу ме бендиса. Иста е како на ТВ, фино пополнета, ама секси. Шири позитивна енергија на километар, ја доживувате како сојузник, а не како конкуренција. И прв пат да ја видите, имате чувство како да ја знаете сто години. Отворена, духовита, без лажна поза, кај неа не препознав ни трошка ароганција. Не можете а да не ја сакате. Затоа и жените се препознаваат во стиховите на нејзините песни, прекрасните балади на Нина. Има зад себе еден  брак со хрватски бизнисмен, помлад од неа. Ех, колку сакав да бидам на пречекот за Нова година во хотелот „Сплендид“ во Будва, Црна Гора каде што настапуваше со „Хари Мата Хари“ и Харис Џиновиќ. Сигурно било уживање.

Хрватската водителка Николина Пишек (42), позната од музичкото шоу „Операција Триумф“, е убава, згодна и висока, како на телевизија. Има кафеави очи ама користи леќи во боја. Нежна е, љубезна, ама на дистанца, максимално духовита и ви зборува со тивок глас, речиси нечујно. Сега е среќно мажена во Белград и има две ќерки од два различни татковци. Во текот на разговорите во Белград, на Модната недела, како и во Скопје на фотосесијата за новогодишниот календар за „Тиквеш“ забележав дека ништо не им додала ниту одзела на градите и дека ѝ се природни, иако некои мои колешки и пријателки сè уште ме убедуваат дека ѝ се силиконски.

Пред многу години, додека појадував во тогаш најелитниот хотел во Македонија „Молика“, некој од друштвото ми рече: „Еј, Лејла, еве ти го Здравко!“ Јас во првиот момент се збунив и додека се свртев, покрај мојот стол помина југословенската поп-легенда Здравко Чолиќ (67). Бев возбудена како никогаш дотогаш. И кога доаѓа во Скопје, така и кога пееше во Битола, се криеше на планина. Тогаш не знаев дека многу години подоцна ќе го сретнам пак на гробот на мега-ѕвездата Тоше Проески во Крушево, каде што дојде да му оддаде последна почит. Тага што го гледам последното почивалиште на Тоше за кого плачев како мало дете и возбуда за поп-легендата со чии песни растевме и пак ги сакаме како некогаш. Чолиќ и во живо е висок, маркантен, убаво облечен и како да нема педесетина години. Луѓето на гробот на Тоше како да не веруваа дека Здравко е тука, па си шепотеа во неверица. Нашето дружење од Крушево продолжи на ручек во центарот на Скопје во тесен круг на деловни соработници и пријатели. Здравко се покажа како љубезен соговорник, кој постојано е насмеан, со незабележлив босански шарм. Приватниот живот вешто го крие. Досега никој не видел како изгледаат неговата сопруга и двете ќерки.

Со хрватскиот водител на „Милионер“, маркантниот Тарик Филиповиќ (46) прво не можевме да се разбереме на македонски јазик, па не му се допаѓаа прашањата околу трачевите што ги ширеа хрватските медиуми. Настапи арогантно, ама потоа низ разговорот ги откри својата духовитост и шарм. Дури и се сликавме заедно. По многу врски се ожени со Лејла, ексмис на Хрватска со која има син, а со нив живее и синот на Лејла од претходниот брак.

Концертот на Раде Шербеџија (72) и Кемал Монтено во Скопје ќе го паметам како еден од најубавите. Раде со својот шарм и духовитост нè засмејуваше до солзи. Својот шарм го растураше наоколу и кога ја потпишуваше автобиографијата „До последен здив“ на Скопски саем, како ексклузивен гостин на штандот на издавачката куќа „Три“. Се сеќавам дека ја натерав мајка ми да престанеме со домашното чистење за да стигнеме на промоцијата. Боемот со сини очи, татко на 5 деца од двата брака, кој знае толку убаво да раскажува, ве освојува како на филмовите, на концертите, така и како писател. На неговата духовитост ѝ нема крај кога читам како Раде во Скопје го бара Игор Џамбазов преку весници да му се јави…

Хрватскиот поп-пејач Горан Каран (54) го запознав покрај вегетаријанска закуска. Со густа долга виткана коса, за која сонуваат жените, со песните и настапот на „Евросонг“ беше мошне популарен, а толку нормален. Со него разговарате на секакви теми, како да го знаете отсекогаш. Понекогаш се прашувам зошто хрватската сцена е затворена за странци, а пејачите им се толку љубезни.

Тенискиот ас Горан Иванишевиќ (47), кого го сретнав на ревијата на „Бос“ во Сплит, е ептен висок и изгледа многу збунето. Водителката на шоу-емисијата „Ѕвездите танцуваат“, Барбара Колар, која исто така ја сретнав во Сплит, е иста како на ТВ. Занесна блондинка со сини очи и изразити облини. Ама дечкото на Даниела Мартиновиќ (47), Петар Грашо (42), е исклучително згоден, а неговата девојка исклучително слатка, иако во мало пакување. Сè уште е мистериозно како Даниела претходно беше во брак три години со хрватскиот пејач Томсон, а никој за тоа не дозна. Томсон за бракот проговори откако се разведоа, а наводно нејзиниот дотогашен менаџер Тончи Хуљиќ ѝ забранил на Даниела да зборува за бракот, за да не ѝ се одрази на кариерата.

Додека пиев кафе со колешките на „Кнез Михајлова“ во Белград, пред промоцијата на Каролина во новоотворената ТВ „Пинк“, на плоштадот го здогледав Фрањо Ласиќ, (63) актер и пејач во кој бевме сите заљубени во екс-ЈУ.

Кога го извикав неговото име, една тазе наша водителка зачудено ме запраша: „Кој е Фрањо Ласиќ?“ А јас ѝ одговорив: „Ма, ништо ти не знаеш!“ Иако веќе во години, Ласиќ не изгубил од својот шарм. Сините очи и белите заби сè уште му се заштитен знак, а неговиот хит „Загрљени“ сè уште го потпевнуваме.

Лејла Сабит