Собрание го верификуваше мандатот на пратеничката Снежана Калеска-Ванчева


Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од работата на 58. седница го верификуваше мандатот на пратеникот Снежана Калеска-Ванчева која доаѓа на местото на пратеникот Петар Атанасов.
Пратеникот Петар Атанасов од СДСМ на 23 овој месец поднесе оставка на функцијата, која денеска беше констатирана. Атанасов се очекува да биде избран за заменик-министер за образование и наука.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски изјави дека го известиле наредниот кандидат, Снежана Калеска-Ванчева од листата на кандидати за пратеници за ИЕ 1 од СДСМ и коалиција. Во законскиот рок Калеска-Ванчева ја известила Државната изборна комисија дека го прифаќа мандатот за пратеник во Собранието по што и е издадено уверение.
На седницата не беа присутни пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците се на пауза, а со работа ќе продолжат во 15:30 часот.