Смени или само промени во власта?


Третпат во рок од четири дена, премиерот Зоран Заев најави вчера смени на функционери во извршната власт, но за разлика од неговите претходни изјави, овој пат пролетната реконструкција ја оправда со проширување на мнозинството во Собранието.
„Да нема дилеми. Евентуалната реконструкција ќе се случи поради окрупнување на парламентарното мнозинство. Оттука доаѓаат работите. Ако се случи незаконско работење, тука нема реконструкција, тука има кривични пријави и истраги пред обвинителството. Се работи за еден преглед на сите резултати и активности во пресек од 10 до 12 месеци, за да видиме дали сме задоволни“, изјави вчера Заев.

Наедно, место смени како претходно, најави можни рокади и ротации на функционери на други позиции во извршната власт.
„Не се работи за нешто од чувствителен карактер, туку се работи за одговорност, пред сѐ пред граѓаните. Ако некој не може да се снајде на првата позиција, ќе го биде на втората или на третата позиција. Потребите на граѓаните се сериозни, барањата се многу високи, јас го разбирам тоа, без разлика колку сме свесни за урнисаната финансиска состојба во државата што ја затекнавме“, рече Заев.
Откако со изјавата дека на функции во власта има личности кои „не знаат и не се трудат да научат“ предизвика повеќе реакции во јавноста и од политичките противници, Заев вчера изјави дека најавената реконструкција не упатува на некој неуспех или на неисполнување на некои проекции, туку дека таа се презема поради, како што рече, природната потреба од распределба на одговорноста, согласно обидите за зголемување на бројката на пратеници во собраниското мнозинство. За таа цел, Заев рече дека има разговори со опозициските партии затоа што не е на одмет парламентарното мнозинство да биде посериозно, за, како што нагласи, со присуство на опозицијата да се носат одлуки во законодавниот дом.

Претходно, повеќе невладини активисти и поддржувачи на СДСМ се јавија со отворени критики во јавноста за потезите на новата влада, кои во голем дел се однесуваа на кадровската политика. Во меѓувреме, беа сменети или поднесоа оставки и неколку раководители на институции поради одредени скандали што наидоа на негативен одек во јавноста.
Најавената реконструкција би била втора по ред по формирањето на владата на СДСМ минатото лето. На првата (мини-реконструкција) се чекаше неколку месеци откако, поради локалните избори, се испразнија неколку места во Владата. Главниот исход од таа реконструкција беше излегување на Зијадин Села од Владата, така што СДСМ го презеде министерското место во здравството.

Сега Села и неговата Алијанса за Албанците се спомнуваат повторно како старо-нов партнер во коалицијата што ја предводат СДСМ и ДУИ, при што и натаму е отворена опцијата за воведување нова вицепремиерска позиција – за спроведување на реформите. Со таа разлика што сега Алијансата има двајца, наместо тројца пратеници, откако Весел Мемеди, како кадар на НДП, реши да остане дел од парламентарното мнозинство и неодамна беше избран за потпретседател на парламентот.

Исто така, двајца пратеници има и ДПА, која од поодамна се спомнува како можен нов партнер во Владата, а нејзината пратеничка Мерал Узеири Ферати во неколку наврати „помага“ да се обезбеди кворум во собраниската сала, во услови кога мнозинството е „тенко“, а опозицијата бојкотира. Но, според информациите, проблемот е што лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој е исто така пратеник, речиси воопшто не се појавува во парламентот, каде што во изминатиот период имаше неколку ситуации кога се чекаше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да дојде специјално од Зајас во Скопје за да го помогне гласањето. Од друга страна, Заев пред извесно време на брифинг со новинари тврдеше дека мнозинството во Собранието сега брои 70 члена, што е, всушност, доста солидна бројка за да се случуваат такви проблеми со кворумот.
Од опозицискиот табор, кој го спомнува Заев како „таргет“ во преговорите за проширување на мнозинството, остануваат уште расцепканата Беса со два плус три пратеници од таборите на Билал Касами и Африм Гаши. Поради тоа што изборот во опозицискиот камп е практично ограничен и сведен на албанскиот блок, каде што некој мора да остане и надвор од власта, не се исклучува можноста Заев да побара поддршка и од дел од пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тука се посочува пред сѐ на преостанатите помали партии што се сѐ уште дел од коалицијата „За подобра Македонија“, од каде што, пак, во изминатите месеци, излегоа пратениците Чедомир Саздовски од ГРОМ, Амди Бајрами од Сојузот на Ромите и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците. Тие, иако најавија дека ќе дејствуваат како самостојни пратеници, во изминатиот период, најчесто, ги поддржуваат владините закони во парламентот и помагаат да се обезбеди кворум. (А.М.М.)