Словенците ќе го одбележат „Прешернов ден“


Словоенечкиот центар во Скопје традиционално ќе го одбележи „Прешерновиот ден“ на 11 февруари во Кинотека на Македонија со почеток во 20 часот.

Февруари е месец на културата во Република Словенија кога се прославува најистакнатиот словенечки поет Франце Прешерен, кој починал на 8 февруари 1849 година.

Со цел да се одбележи овој важен датум за сите Словенци кои живеат во Македонија, но и да се доближи словенечката култура до граѓаните на државава, „Словенечкиот центар – Скопје“, во соработка со Кинотека на Македонија, Амбасадата на Р. Словенија во Македонија, а потпомогнати и од „Бирото за Словенци зад граница и по светот“ организираат настан што нуди културна програма.

На одбележувањето на „Прешернов ден“ свое учество ќе земат членови на „Словенечкиот центар – Скопје“, но и ученици коишто посетуваат дополнителна настава по словенечки јазик, а која во Македонија се организира 18 години и која е потпомогната од Министерството за образование, наука и спорт на Словенија и Заводот за школство на Словенија. Во програмата ќе настапат и студенти од катедрата по словенечки јазик од Филолошкиот факултет – Скопје, а под менторство на проф. д-р Лидија Аризанковска.

На настанот свое обраќање ќе има Н.Е., амасадорот на Република Словенија во Република Македонија Милан Јазбец, а ќе биде прочитана и една негова песна од неговата најнова стихозбирка „Сјана ѕвезда со лавовска грива“.

На настанот ќе биде прикажан документарен филм за убавините на Република Словенија, а предвидена е и музичка програма со настап на орксетарот на средното училиште „Васил Антевски-Дрен“.

Настанот е отворен за сите заинтересирани граѓани.