Словенечкиот премиер одби да се обрати пред Европарламентот


Словенечкиот премиер Марјан Шарец ја одби понудата на Европскиот парламент следната недела да се обрати пред европратениците и да ги изнесе своите визии за иднината на ЕУ.

Одлуката на Шарец наиде на изненадување и осуди во Словенија, пред се од страна на словенечките европратеници, кои сметаат дека со ова тој пропуштил голема можност за промоција на земјата и својата Влада.

– Мојот говор пред Европскиот парламент во пресрет на новите европски избори би можел да се сфати како предизборен настап, а оние кои сега ме критикуваат што ја одбив поканата сигурно би ме нападнале ако решев да се обратам, објави Шарец на социјалните мрежи во одговор на критиките на неговата одлука.

Тој додаде дека верува оти ќе има уште можности за негово обраќање во Стразбур или Брисел, имајќи предвид дека Словенија ќе претседава со ЕУ во втората половина на 2021 година.

Некои словенечки медиум меѓутоа објавија дека одлуката на Шарец можеби е поврзана со тоа што актуелен претседател на Европскиот парламент е Италијанецот, Антонио Тајани, чија изјава за „италијанска Истра и Далмација“ предизвика жестоки реакции во Словенија и Хрватска.