Следната недела тендер за инсулин


Министерството за здравство соопшти дека нема да дозволи недостиг од инсулин. Тендерот ќе биде распишан на почетокот на следната недела, сите подготвителни процеси за него се веќе завршени и целата постапка е навремена и соодветно испланирана.
Инсулинот, кој е со рок на траење до 30 септември 2018 година е потрошен во месец јули или го има во мали залихи во неколку инсулински аптеки. Пациените се снабдуваат со инсулин со количина која се троши во рок од триесетина дена. Инсулинот е безбеден за користење на пациентите до соодветниот рок, иако според распределбата со која се врши инсулинот, тој би требало да е веќе потрошен пред истекот на рокот, стои во соопштението.
Од 15 август 2018 година, како што се наведува, веќе се обезбедени и ќе се дистрибуираат инсулини „Новорапид“ со рок на траење повеќе од 12 месеци.
Министерството за здравство се грижи пациентите во континуитет да се снабдуваат со инсулин во соодветни рокови, воедно и ги работи плановите за распределба врз основа на потребите на населението. Дезинформациите во кои се инсинуираат можно трошење на залихите, создаваат паники во јавноста и се многу штетни по здравјето на пациентите, кои се на инсулинска терапија. Министерството за здравство стои како и секогаш на располагање за обезбедување точни и проверени информации, кои се од интерес на јавноста и пациентите, а се поврзани со нашата работа, стои во соопштението.