Слаткар со „Отворено писмо“, Владо Јанески за „европска Македонија“


Македонските естрадни уметници по којзнае кој пат се на крстопатот меѓу професијата и политиката. Во последниве денови во екот на кампањата за поддршка на референдумот воздржани останаа помал дел. Барем таков впечаток се остава во јавноста.
Првиот што го скрши мразот е раперот Марко Маринковиќ-Слаткар кој напиша песна со наслов „Отворено писмо“.
„Чувствувам потреба, а и чувствувам одговорност дека треба да им се обратам на сите оние што мислат дека живееме во шупа. Види, распоредот е убав, али народот, седиме на клупа. 30 години никако во игра да нè пуштат… Заборавивме да се смееме, туѓи песни присвојуваме, нашите не ги пееме… Ало, никој не би сакал име да мења, но ј*бига друга опција нема“, се дел од стиховите на отвореното писмо на Слаткар.
Неговата песна предизвика реакции на социјалните мрежи, дел со поддршка за авторот, а дел веќе го прогласија за предавник.


За првите, добро е што го кажал својот став и што посакува земјата да тргне напред, а другите сметаат дека пејачите претераа со инволвирањето во политиката и дека рапот воопшто не може да биде поврзан со поддршка на која било влада, бидејќи зачетоците на овој правец во музиката е токму незадоволството од политичките лидери.
Со реакција се јави и еден друг рапер кој настапува под псевдонимот Бизи и особено во последниов период е активен со „патриотски рап“ и пее песни за Македонија. Во неговите текстови изобилуваат „сочни зборови“, пцовки, кои донекаде се и типични за раперите. Без исклучок, сите песни му се напишани на латиница, иако преку писанието ги издигнува македонскиот народ и нација. Во песната „Запечатено писмо“, како одговор на песната на Слаткар, му порачува дека е Јуда и бугарофил.

Реакции предизвика и платената кампањска песна „Излези за европска Македонија“, во која се вклучени повеќе македонски пејачи, пејачки, музичари и актери.
Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Бени Шаќири, Ѓоко Танески, Бубо Каров, Драган Спасов-Дац, Дани Димитровска, Викторија Лоба, Дарио Панковски, Кристина Арнаудова, Златко Ориѓански, Александар Митевски, Владо Јаневски, Виолета Томовска и Сашо Гигов-Гиш дадоа свој придонес во владината кампања за да се излезе на референдумот и да се гласа „за“.
Најголемите реакции беа за пејачот и поет Сашо Гигов-Гиш бидејќи претходно беше учесник на протестите „За заедничка Македонија“, каде што држеше и говори. Исто така, на социјалните мрежи се коментира и за Владо Јанески бидејќи и тој беше дел од политичките кампањи на ВМРО-ДПМНЕ. Не изостанаа и критиките за тоа дека видеоспотот изгледа евтино и дека нема никаков концепт. Преку песната „Излези за европска Македонија“, музичарите порачуваат дека треба да се направи мудар избор и да се гласа за иднината, како и дека новата ѕвезда што ќе сјае е европска Македонија.