Скопје филм фестивал: Позитивни реакции за филмот „Година на мајмунот“


Македонскиот игран филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“ премиерно беше прикажан во киното „Милениум“ на отворањето на 21. издание на Скопје филм фестивал.

Блажевски на денешната прес-конференција ги изнесе своите позитивни впечатоци од премиерата и соопшти дека се работи за црна комедија или комедија на апсурд.

– Сакавме стилски многу поразлична слика да создадеме во овој филм. Идејата беше да се долови некоја бајковитост на грдиот и апсуреден свет кој не опкружува. Филмот требаше позитивно да зрачи на гледачот, да создава контрапункт и да зрачи со оптимизам. Тоа беше наша стратегија, рече Блажевски.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во актерската екипа се и Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија.

Актерката Елена Трајковска изрази задоволство што соработува со режисерот Владимир Блажевски, кој бил и нејзиниот професор. Во филмот таа ја игра улогата на Ана која, како што рече, е комплексен лик, амбициозна девојка која заборавила на себе, на својот физички изглед, посветувајќи се целосно на кариерата.

Досега филмот беше презентиран на две работилници и на еден форум. По официјалната премиера, „Година на мајмунот“ од денеска ќе продолжи да се прикажува во киносалите на „Синеплекс“, а светска премиера ќе има на 23 април на Московскиот меѓународен филмски фестивал.