„Скопје танцовиот театар“ на престижниот „Холанд денс фестивал“


„Скопје танцовиот театар“, кој е единствената современа танцова компанија во Македонија и кој во април ќе наполни седум години од своето постоење, в петок и во сабота ќе настапи во Хаг, Холандија во рамките на престижниот „ Холанд денс фестивал“.

Овој фестивал има традиција на одржување повеќе од триесет години и важи за фестивал кој ги презентира најдобрите европски и светски танцови компании.

„Скопје танцовиот театар“ ќе настапи во Корзо театарот, кој во Хаг, градот на танцот, е препознатлив по својот авантуристички предзнак, откривање и поддржување на млади таленти, нови авант-гардни продукции. Корзо театарот е една од најголемите продукциски куќи во Холандија, култно место во кое се претставуваат најдобри, најсовремени, нови, иновативни продукции.

„ Холанд денс фестивал“ годинава, во својата програма сврстува извонредни танцови компании и исклучителни кореографски имиња, како Матц Ек, Јиржи Килијан, Ана Лагуна, Балет Биариц, легендарната Марта Греам компанија од Њујорк, Како и „Пиксел“ на Мурад Мерзуки, претстава која публиката на Танц Фест имаше прилика да ја види во Скопје.

„Скопје танцовиот театар“ ќе се претстави со претставата „Кожа“, со три кратки кореографии, „Котел“ на Рисима Рисимкин, музика на Тони Китановски, „Погрешно“ на Адријана Данчевска на музика на групата „Верка“и „Истиот извор“ на Матеа Киселичка, на музика на Тони Китановски и Бајрон Меткалф. Костимите за претставата се на Благој Мицевски.

Во претставата учествуваат Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова, Сара Цветковска, Бобан Русески и тереза Лазарев.