Тумори од бели дробови ќе се вадат без операција


Без операција и без крварење на скопската Клиника за пулмологија ќе се вадат сите видови тумори и полипи кои растат во белите дробови. Целата интервенција трае околу една минута и ќе почне да се применува од април.

Оваа интервенција на Клиниката за пуломологија и алергологија ќе ја работат пет доктори, кои веќе биле на обуки во САД, во Германија и во Словенија, најави директорот на Клиниката, д-р Дејан Докиќ.

– По техничката обука како да се користат апаратите нашите доктори ќе можат самостојно да работат интервентна бронхоскопија. Таа, освен за поставување дијагноза, може да се користи и за отстранување тумори во белодробното стебло – рече Докиќ на вчерашното претставување на апаратите.

Тој објасни дека биопсијата и остранувањето на туморот практично се прави со техника на замрзнување, односно заболеното ткиво се вади и се замрзнува. Станува збор за нова метода која ја овозможуваат апарати крио сонди на кои доктори од Клиниката за пулмологија, се обучуваат на работилница од страна на претставници на Истражувачкиот центар Ербе – електромедицина, кои посочија дека оваа технологија во бронхоскопијата е стандардна во Европа.

– Интервенцијата се состои во тоа што со бронхоскоп преку уста се влегува во белите дробови. Во самиот бронхоскоп има две сонди, од кои едната е криосонда. Преку неа се внесува јаглерод диоксид под притисок и кога гасот ќе дојде до белите дробови се ослободува притисокот, а бидејќи нему му треба температура ја зема од телото и го замрзнува делот што сакаме да го извадиме. Замрзнатото парче се лепи за бронхоскопот и се вади – објасни Докиќ.

По повод промоцијата на примената на Ербе технологиите во бронхоскопијата на Клиниката е формиран првиот реферетен центар за интервентна бронхоскопија. Од Клиниката ќе бараат Фондот за здравство  да ги покрие трошоците за осигурениците, а се планира да доаѓаат и приватни пациенти од од Јужна Србија, Косово и Албанија. Се предвидува дека ќе има повеќе од 50 пациенти на годишно ниво.

Сега, пациентите за да добијат ваков третман  се принудени да одат  до Белград, Софија или Атина каде оваа интервенција се плаќа .