„Скопје колинг“ чека 15.000 публика


Од 21 до 24 јуни, на Стадионот на АРМ во Скопје ќе се одржи третото издание на фестивалот „Скопје колинг“. На денешната прес конференција, „Авалон продукција“ ги објави сите детали за фестивалот на кој ќе настапат светски познати музичари и диџеи.

Фестивалот го отвара шведското диџеј дуо AXWELL & INGROSSО, со настап на 21 јуни. На 22 јуни, настапува англиското електронско дуо „Morcheeba“, и французите NOUVELLE VAGUE, како специјално изненадување. 23 јуни е рокерска вечер, за прв пат во регионот доаѓа еден од најголемите британски бендови на сите времиња , ТEXAS, во иста вечер со хрватскиот рокер Дарко Рундек. Фестивалот ќе се затвори со диџеј-ѕвездата на електронската музика, ALAN WALKER, кој настапува на  24 јуни.

Македонски диџеи кои беа присутни на прес конференцијата ќе го надополнат фестивалот со свои настапи, Александар Галоски и Апов на 21 јуни, а Сирилик и Дуоз на 24 јуни.

„ Очекуваме бројка од 15.000 публика од целиот регион. Овој настан се одржува за фановите на овие музичари, бендови и диџеи да не одат на фестивали надвор, туку да ги имаат дома“, рече Денис Илиоски од „Авалон“.

Ивана Нолчева, од продукцијата организатор, го најави „Скопје колинг“ како најголем настан со светска сцена и продукција.  Влезниците се продаваат преку мрежата на купикартизасе.