Скопје и Атина се позиционираат за името
Уставот е домашна книга и нема последници надвор од земјата, поради тоа нема потреба да се смени, порача вчера премиерот Зоран Заев во интервју за Еуроњуз. Тој смета дека доволна е ревизијата на Уставот од 1993 година која се направи поради чувствата на, како што рече, нашите пријатели Грците и за да се чувствуваат поудобно направена е и втора ревизија.
Во однос на тоа дали и идентитетот е предмет на преговори, македонскиот премиер одговара негативно. Вели дека не постои разговор за идентитетот, односно за националноста, но постои параграф за државјанството.
Во интервју за германски „Шпигел“, пак, Заев истакнува дека очекува да се најде решение со Грција и оти не може да си замисли неуспех на разговорите околу спорот за името. Повторува дека не е неопходно менување на Уставот и посочува дека евентуалниот договор може да се гарантира со меѓународен договор. Неприфатливо, како што наведува, е менување на името на државата со име кое нема да биде преведено.
Актуелноста за спорот со името и вчера не ја заобиколи грчката јавност.
Алтернативениот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос бара трајно и комплетно решение, кое во иднина нема да се промени и нема да остави простор за иредентизам, и дека тоа се двете карактеристики на договорот што Грција го посакува со Македонија. Додека пак, опозицијата која преку одговорниот за надворешна политика во Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, упати остри критики до грчката Влада дека не ги информира ниту партиите, ниту граѓаните, за преговорите со името, а единствените информации пристигнуваат или од странство или од медиумите.
Според весникот „Катимерини“, името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите се седумте точки што ги содржи грчкиот предлог на нацрт спогодбата. Како што јавува дописникот на МИА од Атина, овие впрочем се и точките што самиот Коѕијас ги спомена, во интервјуто за државната ТВ ЕРТ, минатиот месец, кога за прв пат откри дека Грција ќе и достави на Македонија предлог за потпишување спогодба.
Весникот коментира дека идентитетот и јазикот од македонска страна се опишуваат како точки за кои не се преговара и вели дека едно прашање е дали Заев ќе го прифати предлогот на Ципрас и дека Македонија, во догледно време ќе треба да ги смени сите државни лични документи како што се лични карти, пасоши и возачки дозволи.
Грчките медиуми ја коментираа и за посетата на Јункер на Македонија каде акцентот го ставаат на пораката од Јункер дека е потребно да се реши прашањето за името, но и на тоа дека по пристигнувањето во Скопје забележал дека работите се менуваат.