Скопје има само осум оџачари, а 60.000 оџаци


Скопје има само 8 регистрирани оџачари, а 45 отсто од домаќинствата во градот се греат на дрва. Тоа се над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, па претставуваат закана за пожари, но и за загадување на воздухот. Десет нови оџачари, кои се пријавија на огласот што беше објавен во јуни, се обучуваат во моментов, но на главниот град му требаат најмалку 150. Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување вчера објави втор повик за нови 30 кандидати што сакаат да се занимаваат со оваа професија.

„Обуката ќе трае три месеци, а по завршувањето кандидатите еден месец ќе стекнуваат и практично искуство кај различни работодавци“, велат од Градот.

Обуката ја плаќаат градските власти, а додека трае, практикантите ќе добиваат и плата од 9.000 денари. Откако ќе станат лиценцирани оџачари, сите кандидати ќе добијат основни материјали за да си започнат сопствен бизнис. Теоретската обука ќе трае 50 часа, а 185 часа се за практична настава, по што ќе се полагаат тестови и на идните оџачари ќе им се доделат сертификати.

Домаќинствата што се греат на дрва учествуваат со 30 отсто во вкупното загадување на воздухот во градот, а неисчистените оџаци загадуваат двојно повеќе во споредба со исчистените. Поради тоа, Градот Скопје апелираше граѓаните да ги користат услугите на лиценцираните оџачари, а ќе се субвенционира и чистењето на оџаците, за што во градската каса се предвидени 10 милиони денари. Практикантите од првиот повик летово бесплатно ќе исчистат оџаци на 100 домаќинства, како дел од практичната работа.

„Во моментов во тек е пријавување во инфо-центарот на граѓани кои сакаат оџакот да им биде бесплатно исчистен. Веќе имаме триесетина пријавени, а кога ќе се заокружи бројката, ќе се направи распоред според кој практикантите ќе одат на терен“, информираат од Градот.

Сите што се невработени, а сакаат да станат оџачари можат да се пријават до 23 јули во центрите за вработување. Обуките се одржуваат во средното училиште „Здравко Цветковски. За потребите на обуките, во училиштето е опремена училница со оџаци, печки и опрема за чистење.