Скопје го совлада Вардар, Шкендија триумфираше против Работнички


Вардар продолжи со лошата серија и на арената „Филип Втори“ беше поразен од ФК Скопје во 32-то коло од Првата лига.

Досех Кофи во 45 минута го постигна победничкиот гол за Скопје, а овие три бода одат во прилог на борба на клубот за опстанок во најдобрата македонска лига.

Шкендија во Тетово го совлада Работнички со 3:0. Во 22 минута Стенио Жуниор ги доведе во водство домаќините, а Благоја Тодоровски зголеми на 2:0 во 55 минута. Работнички во 60 минута остана со играч помалку поради исклучувањето на Нехар Садики, а конечниот резултат го постави Арменд Алими во 84 минута.

Академија Пандев триумфираше против Победа со 1:0, а единствениот гол го постигна Зоран Балдовалиев уште во втората минута.

Шкупи и Силекс на стадионот во Чаир ремизираа 1:1. Омар Имери во десеттата минута му донесе водство на Шкупи, но осум минути подоцна Кристијан Филиповски израмни за Силекс.

Пелистер во Битола ја совлада Ренова со 3:2. Гостите поведоа со голот на Меџит Незири во 14 минута, а Бојан Илиевски израмни на 1:1 во 35 минута. Борче Маневски во 54 минута донесе предност за Пелистер, а Љавдрим Скендери во 71 минута беше прецизен за израмнување. Голот на Димче Ристевски во 83 минута му донесе на Пелистер важни три поени и конечен резултат од 3:2.