Скопскиот регион ќе добие две претоварни станици за отпад во Дрисла
Скопскиот регион ќе добие две претоварни станици. Првата во Шуто Оризари, која ќе ги опслужува општините Бутел, Ѓорче Петров, Карпош, Сарај, Чучер-Сандево и Шуто Оризари. Втората ќе биде во „Вардариште“, во Гази Баба, и ќе ги опслужува општините Гази Баба, Арачиново, Петровец и Илинден.
Општините Аеродром, Кисела Вода, Центар, Чаир, Зелениково, Студеничани и Сопиште ќе го пренесуваат својот отпад директно до центарот за управување со отпад „Дрисла“.
Со претоварните станици ќе се овозможи полесно пренесување на целиот отпад од општините каде што се создава до депонијата „Дрисла“. Управувањето со овие претоварни станици ќе биде од страна на Град Скопје, т.е. преку Јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје.
Како што потврди Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за МИА, двете избрани локации веќе се користат од страна на ова претпријатие како претоварни станици и собирни центри за комунален отпад, каде се врши и примарна селекција, но потребно е да се доекипираат и да се лиценцираат.
„Останува на градоначалниците да донесат одлука и да се договорат со јавните комунални претпријатија од руралните скопски општини да го носат отпадот до овие претоварни станици, а потоа со голем камион да се носи отпадот до депонијата Дрисла“, информира МЖСПП.
Ова се предвидува со проектот „Подготовка на потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Скопски регион“. Проектот е инициран од Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на ИПА, доделен од Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии и спроведен од страна на ENVIROPLAN S.A. и неговите конзорциумски партнери, LOUIS BERGER – BiPRO GmbH – EPEM S.A. – SLR Consulting Limited.
Во рамки на проектот подготвен е Регионален план за управување со отпад и Стратешка оцена на планот, кој е одобрен од страна на МЖСПП и е доставен на одобрување до Град Скопје и општините кои припаѓаат во Скопскиот плански регион. Регионалниот план треба да биде усвоен од страна на советите на општините и Град Скопје и да почне да се имплементира од оваа година.
Во рамки на овој проект е изготвена и студија за оцена на влијанието врз животната средина за две претоварни станици, кои согласно анализите, како најдобри избрани се локациите во Шуто Оризари и Гази Баба.
Проектот ќе чини околу 13 милиони евра, а целиот капацитет треба да почне со работа до крајот на 2021 година.
Во моментов во Скопскиот регион има најнапреден начин на управување со отпад, најнапредна технологија и се врши делумно рециклирање.