Скарани по помирувањето


Петар Арсовски

Изгледа дека полесно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе си простат едни на другите, одошто ВМРО-ДПМНЕ да си прости самата себеси. Како што почна да се расплетува ситуацијата во најголемата опозициска партија, така изгледа дека тие ќе останат заглавени во сопствената валпургиска судбина на подолг рок. Последното писмо од Мијалков до Мицкоски е само лајтмотив на овој процес, но покажува неколку интересни линии на наратив во опозицијата во моментов.

Првиот е борбата за вистинскиот носител на брендот ВМРО-ДПМНЕ. Ова е нормална фаза по сериозен расцеп и во основа претставува линија на обвинувања околу тоа кој е вистинскиот вмровец – избрканите или останатите. Во оваа линија, двете струи ќе се обвинуваат кој е вистинскиот предавник на идеалите, на името, на стратегијата и на доктрината на партијата. Навидум, повторувачки и здодевен наратив, виден безброј пати при овие синдроми на напуштени љубовници.

Она што, сепак, во овој случај го прави ова довикување од двете страни на оградата интересно е што приказните од двете страни се проблематични, дуални, да не речам шизофрени. Ова е затоа што во ВМРО-ДПМНЕ уште немаат расчистено кој е нивниот вистински бренд – антизападен или прозападен, националистички или инклузивен. Така, парадоксално, во писмата има обвинувања за две контрадикторни работи (ова очекувам да се повторува како што таа борба ќе се разгорува) – ем кој повеќе направил за да не се отцепат пратениците, ем кој повеќе бил за ЕУ и НАТО. Ваквиот проблем доаѓа од неусогласеноста на партијата со општиот дискурс и насоката во која ќе се движат процесите.

Елитата во белата палата (додека се таму), најавува дека расчистила со минатото, дека го оставила багажот, ја завршила катарзата и сега со чист образ настапува пред гласачите. Притоа, веќе се наѕираат оските на нивните главни пораки во наредниот период, кои треба (согласно, претпоставувам, нивните проценки, а и општата политичка динамика) да ги рехабилитираат во политичка смисла во периодот помеѓу почетокот на ратификацијата на НАТО членството во февруари, и почетокот на преговорите со ЕУ во јуни. Сепак, мислам дека за овие тези да фатат корен ќе биде потребно малку повеќе време.

Прво, опозицијата сега одеднаш ќе почне да мантра дека тие никогаш не биле против НАТО и ЕУ. Не, ние не сме ги разбрале, ним само не им се допаѓа договорот (читај, тие ќе направеа подобар), но никако против НАТО и ЕУ – напротив, тоа било стратегиска определба, вековен стремеж, тие цело време всушност за тоа работеле. Лавчето на ВМРО-ДПМНЕ, кога рика (сега, што е право, потивко), рика: ЕУУУУ, НАТООО… Мислам дека оваа приказна ќе остане проблематична на среден рок, без оглед на спонтаната амнезија која ќе ја зафати опозицијата за нивното сопствено поведение. Тешко ќе го заборави, и македонскиот електорат, а и меѓународната заедница, систематскиот и организиран напор на оваа партија, наспроти сите укажувања, да нè задржи надвор од западните текови.

Тоа нè води до втората нова порака на ВМРО-ДПМНЕ: ние со меѓународната заедница всушност сме најдобри пријатели, какви скарани, напротив. Тука мислам дека ја потценуваат меморијата на „странциве“. Со нив тие имаат и дополнителен проблем, кој може да ја направи невозможна нивната посакувана рехабилитација со „чадорите“. Прво, ароганцијата и агресивноста која ја покажаа кон нив во последниот период изгледа како од најдобрите денови на Милошевиќ, уште да ги наречеа „зликовци“ и да нè повикаа да јадеме корења. Второ, работата отиде малку предалеку, со официјални писма, антизападни протести. Најмногу, опозицијата демонстрираше целосно напуштање на вредностите на западниот свет – а тоа е нешто што се памети, без оглед на количината на свежа шминка. На крајот, најголемиот проблем на ВМРО-ДПМНЕ е што, сепак, единствените ликови од таа партија за кои можеше разумно да се тврди дека се прозападни, сега се исклучени. Во партијата се останати докажаните „западомразци“, а надвор, од другата страна на оградата, се наоѓаат оние кои единствени можат да бидат сериозен партнер за меѓународната заедница. Така, мислам дека и овој процес ќе биде проблематичен.

Третата порака што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја испрати, а која е исто така проблематична, е нивниот однос со Албанците. Тие велат, ќе морале да комуницираат подобро со другите етнички заедници, тоа бил нивниот претходен проблем. Хммм, не е баш така. Нивниот проблем беше што упорно и систематски, се обидоа да ги спречат сите проекти кои на Албанците им беа важни, а не дека тоа не знаеја како да им го објаснат на „зезнативе“. Блокадата на законот за јазици, на изборот на Џафери, насилствата кон Албанците на 27 април, тоа не се ниту безначајни, ниту потези кои Албанците лесно или брзо ќе ги простат. Оттаму, сè уште е рано да се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ престанала да биде политички „лепрозна“ за албанските партии.

Потоа, нивното тврдење дека тие „расчистиле со криминалот“ и дека, па дури и симболички, тој е сега „гајле на СДСМ“, со оној проглас за новата „криминална коалиција“ е исто така тенка работа, имајќи предвид дека помалку од 10 отсто од предметите кои се водат за претходната гарнитура се реално процесирани и дека таму има уште многу штоф кој одново и одново ќе нè потсетува на начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ќе направи нивната главна стратегија за вртење кон економијата да биде најблаго речено проблематична.

На крајот, не е невозможно ВМРО-ДПМНЕ успешно да се ребрендира. Но тоа е најверојатно невозможно со сегашните ликови таму. Сегашната политичка врхушка направи критична грешка: Тодоров, Јанчев, Богданов (читај, најдобрите за ребрендирање) ги избрка. Останаа Мицкоски и старите националисти. Во оваа констелација, најверојатно е дека суштинското ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде условено со нова „чистка“, во која би влегло и бркањето и на нивниот сегашен лидер.