Сите поранешни функционери останаа без обезбедување


По повеќе од една година откако ја изгубија власта, поранешните министри од претходната влада останаа без обезбедување.
Освен поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој користеше обезбедување три години по напуштањето на функцијата, обезбедувањето им е одземено и на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, на кого му беше доделено откако дедото на малата Тамара пукаше кон него.
Од министерството за внатрешни работи официјално потврдија дека никој од поранешните функционери не користи обезбедување од МВР.
Поранешните функционери добија вакво обезбедување во 2016 година кога беше направена измена на „Уредбата за личности и објекти што се обезбедуваат“. Со измената, ексфункционерите наместо да имаат обезбедување „најмногу до една година“ по завршување на функцијата, добија можност да имаат телохранители на државна сметка „додека трае опасноста“ по нивните животи.
Обезбедување и службен автомобил единствено ќе има поранешниот премиер, Никола Груевски. (Ф.Ф.С.)