Сиромаштијата и дискриминацијата во фокусот на граѓанските новинари


„Спрега меѓу нас, новинарите и граѓаните станува се поцврста и позначајна денеска кога новинарството станува сѐ побрзо заради социјалните мрежи и намалувањето на дописничките мрежи. Граѓанските новинари со проблемите кои ни ги посочуваат, ни отвораат нови аспекти и ни даваат повод да правиме емисии и стории, изјави Сања Васиќ, уредник и новинар во Телевизија Телма, на денешното доделување на наградите за граѓанско новинарство во организација на МЦМС и Телма.

На овој конкурс пристигна 41 пријава, што е најмногу досега. Ирена Поповска за приказната „Дефект“, Дарко Гоцевски за приказната „Сиромаштијата во измачените лица на чесните граѓани на мојата напатена татковина“ и Љубен Тодороски за приказната „Заслуживме функционален здравствен систем“ се тројцата граѓански новинари и трите наградени приказни.

Гоце Цветков, Виктор Поповски и Филип Неделковски добија награди за фотографии на тема сиромаштија и родова (не)еднаквост. Покрај ова, беа доделени и две признанија и тоа на Нуредин Исејновски за приказната „Читај на глас“ и на Ана Ристевска за фотографијата на тема сиромаштија.

Извршениот директор на МЦМС, Гонце Јаковлеска посочи дека ова е одлична можност за граѓаните сами да се изборат за тоа проблемите кои сметаат дека се важни да ги донесат повисоко на медиумската и општествената агенда. Таа додаде и дека обуките за граѓанско новинарство кои се одржуваат во рамки на проектот „Топ тема на ваша страна“ очигледно вродуваат со плод, со оглед на тоа што дел од 85-те обучени учесници се дел од наградените во изминатите конкурси.

Најголем дел од пријавите се однесуваа на сиромаштијата и дискриминацијата, за што Васиќ истакна дека е сигнал за новинарите да почнат повеќе да се занимаваат со оваа тема и да ја истакнуваат во иднина.

– Ви благодарам што во време кога ни се случуваат општествени дефекти со огромни размери и последици, вие препознавте важност и во мојот, рече првонаградената Ирена Поповска и додаде дека наградата им ја посветува на сите кои мака мачат, меѓу другото, да влезат во автобус на ЈСП.

Дарко Гоцевски, награден за неговата сторија за сиромаштијата, зборуваше дека бил инспириран од реален проблем на семејство во с. Тодоровци, Македонска Каменица. Со актуелизирање на нивната трогателна приказна се надева дека градежните компании, општината на Македонска Каменица и граѓанските активисти ќе можат да се вклучат и да помогнат.

Конкурсот за граѓанско новинарство е една од активностите од проектот „Топ тема на ваша страна“ што го спроведуваат Телевизија Телма и МЦМС, а финансиски е поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).