Синдикатот бара анализа за пензискиот систем


Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во реакција на информациите за зголемување на границата за пензионирање, предлага да се преземат мерки за намалување на обемот на неформалната економија и на нерегистрираните плати и да се спречи емиграцијата на високо едуцирани млади луѓе.

ССМ наведува дека е потребна повисока продуктивност за повисоки плати и потенцира дека не се согласува со нереално и необјективно зголемување на пензиите.

Од ССМ бараат да се изработи целосна анализа на состојбата со пензискиот систем во Македонија врз основа на која социјалните партнери ќе можат да ги дадат своите предлози во насока на негово подобрување.

Стручната анализа, смета ССМ, ќе покаже дали постојат услови и потреба од промена на висината на процентот од плата за придонес за ПИО и дали постојат можности дел од евентуално зголемување на овој процент да биде на товар на работодавачите како што тоа е случај во земјите од нашето опкружување.

– ССМ се залага за законски измени согласно кои, покрај возраста и стажот на осигурување да биде основ за пензионирање, како и за остварување на правото на бенифициран стаж за одредени категории на работници во градежништвото, рударството и други дејности каде тоа е неопходно за заштита на животот и здравјето на работниците, соопшти ССМ.

Како што потенцираат, се залагаат за зголемување на бројот на вработени кои ќе придонесуваат во државниот пензиски фонд.Особено на младите и жените преку активни политики на пазарот на труд со обуки и едукација за подобрување на нивните вештини според барањата на пазарот. Предлагаат да се преземат мерки за намалување на обемот на неформалната економија и на нерегистрираните плати, да се спречи емиграцијата на високо едуцирани млади луѓе. Потребна е повисока продуктивност за повисоки плати, не се согласуваме со нереално и необјективно зголемување на пензиите, потенцираат од ССМ.

Воедно информираат дека во рамки на целокупните реформи на пензискиот систем, согласно реалните можности и предуслови на кој се темели пензискиот систем, не се против новата економска мерка која ја промовира Владата и со која ветува државна социјална пензија за секој граѓанин независно дали ги исполниле условите за пензија или не во насока на намалување на сиромаштијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните во државата.