Симон Трпчески со проектот „Македонисимо“ утре во Белград


Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески по повеќе години гостува во Белград со својот емотивен проект „Македонисимо“ за кој изјави дека ги опфаќа најубавите македонски традиционални мелодии, главно од играчки карактер, кои специјално за петчлениот камерен состав ги обработи композиторот Панде Шахов.

-Многу ми е мило што по Љубљана, првпат на Балканот можеме во Белград да презентираме дел од богаството на нашата народна музика. Овде сме на покана на Центарот на белградските фестивали (ЦЕБЕФ), кои покажаа интерес и почит кон овој проект. Многу ми е мило што сум во Белград, кој е голем центар, со голема традиција и гледачите ќе можат да слушнат музика којашто ја познава и сака и ние ќе им приредиме многу убава вечер, рече Трпчески на прес-конференцијата во Белград по повод концертот утревечер од 20 часот во пголемата сала на „Коларац”.

Идејата за проектот е на Трпчески, а неговата страст кон традиционалната музика беше движечка сила за време на целиот период на осмислувањето, па според тоа и сплетот на народните игри е наречен „Плетенка“.

-Плетенка е убаво смислен назив на идејата од страна на композиторот Шахов, за поврзаноста на душата на мелодиите коишто се испреплетени меѓу себе на најразлични начини, додаде Трпчески.