Симболична церемонија за предавање на претседавањето со ЕУ


Бугарскиот премиер Бојко Борисов, австрискиот канцелар Себастијан Курц и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск се сретнаа денеска во австриското туристичко место Шладминг каде се одржи симболична церемонија за предавање на претседавањето со ЕУ.

Во фокусот на разговорите беа резултатите постигнати за време на бугарското претседавање со ЕУ и приоритетите на Европскиот совет во следните шест месеци, по кои ќе работи австриското Претседателство.

Борисов се заблагодари за конструктивниот дијалог во Европскиот совет, кој даде можност да се насочи вниманието врз балканскиот регион.

– Давањето јасна порака за почеток на претпристапни преговори со Македонија и Албанија за членство во ЕУ ги постави основите за перспективата на целиот регион, истакна бугарскиот премиер, нагласувајќи дека средбата на врвот за Западен Балкан во мај во Софија одиграла многу важна улога во тој процес.

Борисов му посака успех на Курц во идното шестмесечно претседавање, додавајќи дека секогаш може да се надева на помош од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

– Европа сега се наоѓа во тешка положба, бидејќи има различни проблеми со САД и со Русија, како и Брегзит. Австрија сака да гради мостови и да работиме со силна Европска унија, затоа активно работиме со европските институции, нагласи Курц, кој им заблагодари на Борисов и Туск за соработката.

Туск, од своја страна, истакна дека мотото „Европа која штити“, кое го избрала Австрија, е многу соодветно за да се штити територијата и границите на Унијата.

– Австрија секогаш била во срцето на Европа, не само економски, туку и политички. Европа очекува од нас решителност во нашите дејствувања, со цел да се обезбеди ред и сигурност, изјави Туск.