СЗО: Загадениот воздух убива 600.000 деца годишно


Загадувањето на воздухот, како во затворен простор, така и на отворнo, годишно предизвикува смрт на околу 600.000 деца на возраст под 15 години, како резултат на акутни респираторни инфекции, објави Светската здравствена организација (СЗО).

Загадувањето на воздухот е новиот „тутун”, потенцира генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во соопштение објавено на веб-страницата на Организацијата, која денеска и утре во Женева ја одржува Првата светска конференција за загадување на воздухот и здравјето.

По тој повод, Организацијата објави извештај, во кој се вели дека секој ден околу 93 проценти од децата во светот под 15-годишна возраст дишат валкан воздух што ги загрозува нивното здравје и развој.

Според СЗО, околу 91 отсто жители на планетата Земја вдишуваат загаден воздух, кој годишно одзема околу 7 милиони животи.

Во 2016 година загадениот воздух во затворен и на отворен простор бил причина за смртта на 543.000 деца под петгодишна возраст и 52.000 деца на возраст од пет до 15 години, како резултат на предизвикани респираторни инфекции, се вели во извештајот.