СЗО го стави Балканот на врвот на светски најзагадени региони


Квалитетот на воздухот во балканските земји е катастрофален, оцени Светската здравствена организација (СЗО). Но, се чини, дека тоа не е приоритет ниту на Европската Унија ниту на државните институции. Босна и Херцеговина е на прво место во Европа по бројот на смртни случаи поради загадениот воздух, а на светско ниво е на второто место – веднаш по Северна Кореја.

Како за споредба, бројот на смртни случаи во Германија поради загаден воздух е 32,5 на 100 илјади жители, додека во БиХ е 230,6. Преку едноставна математика може да се пресмета дека на годишно ниво во БиХ, како последица од загадениот воздух, умираат околу 8.000 жители. Ни останатите земји од регионот не заостануваат. Албанија е четврта во Европа, по неа доаѓаат Црна Гора, Македонија и Србија. Сите земји од Западен Балкан се на дното на листата и се најголеми извозници на ситни честички (PM 2,5) во атмосферата, чија концентрација во овие земји често ја преминува дозволената граница, па дури и по 10 пати.

Термоелектрана Угљевик – Чернобил за Балканот

Влатка Матковиќ-Пуљиќ, советничка за здравје и енергија за балканскиот регион од Алијансата за здравје и животна средина (ХЕАЛ), објаснува дека проблемот со загадениот воздух во овој регион е страшен.

„Сите термоелектрани што загадуваат се наоѓаат во овој регион“, вели таа, „А, најлошата меѓу нив е термоелектраната Угљевик во Босна и Херцеговина, која на годишно ниво емитува повеќе од 100 илјади тони сулфур диоксид. Ние ја нарековме европскиот Чернобил, предупредува Матковиќ-Пуљиќ и додава дека ситуацијата е алармантна и во подрачјето на градот Тузла и Лукавац поради термоелектраните Тузла и останатите фабрики што се наоѓаат на тоа подрачје. Минатата година во Тузла концентрацијата на сулфур диоксид во воздухот била дури до 14 пати повисока од дозволеното и поради овој проблем се прекина и наставата во училиштата. Ситуацијата не е ништо подобра ни оваа година.
Емисијата на штетните честички во една земја значи дека истите тие честички ќе завршат и во другите земји. „Ако Хрватска, која е во ЕУ и која меѓу овие земји има најчист воздух, сака да направи нешто во борбата против загадувањето, нема да може бидејќи Србија и БиХ во нејзиното соседство го загадуваат воздухот, а тој не познава државни граници“, предупредува Матковиќ-Пуљиќ и нагласува дека е неопходна соработка меѓу земјите, како и конкретни чекори за вградување филтри или затворања на термоелектраните. Но, за почеток, би било доволно да се направи и подобар систем за надзор и следење на квалитетот на воздухот.

„Најтранспарентни податоци има Србија. Во Босна постои мерење на квалитетот на воздухот, но податоците тешко се добиваат и не се достапни за јавноста, додека во Македонија мерните станици најчесто не работат“, објаснува советничката и предупредува дека првиот чекор за сите држави е да имаат транспарентни и редовни податоци за квалитетот на воздухот, за овој проблем да почне да се решава.
„Сите балкански држави до оваа 2018 година требаше да почнат драстично да го намалуваат загадувањето од термоелектраните на јаглен. Меѓутоа, ниту една држава сѐ уште почнала да работи на тоа“, вели таа и додава дека со години нема волја меѓу надлежните институции за подобрување на ситуацијата. Доколку сето ова не се направи наскоро, државите нема да можат да пристапат на глобалниот енергетски пазар, а ниедна држава нема да може самостојно да функционира.

„Црна Гора има обврска за пет години да ја исклучи термоелектраната Пљевља. Други термоелектрани нема, што значи дека ќе мора да се одлучи дали ќе гради некој нов енергетски проект со посебни филтри или ќе мора да увезува струја“, предупреди Матковиќ-Пуљиќ. Покрај тоа, земјите од Западен Балкан мора да го решат овој проблем во процесот за пристапување кон ЕУ, но со загадувањето освен што го нарушуваат здравјето на граѓаните, им наштетуваат и на државните каси бидејќи, според Светската здравствена организација, Босна и Херцеговина годишно губи 21,5 отсто од бруто-домашниот производ само поради загаденито воздух, Србија губи дури 35,5 отсто, Македонија 19,5 отсто, а Албанија 16,9 отсто. Се чини дека активистите од невладините организации се подобро информирани и свесни за проблемот. Анес Подиќ од организацијата „Еко акција“ од Сараево наведе дека податоците од СЗО се само едни од низата алармантни предупредувања за состојбата на животната околина на Босна:

„Во оваа држава во моментов живеат нешто повеќе од три милиони граѓани, тука едвај има големи индустриски загадувачи освен неколку термоелектрани и една железарница, а животната околина сепак ни е во лоша состојба, како да има неколкупати повеќе жители“. Како главна причина тој ја наведува општата институционална несреденост – лошите закони, уште полошите примени на тие закони, како и слабите државни институции.

Олдтајмери на улиците

Освен што во земјите од Западен Балкан се сместени термоелектрани со најголема емисија на штетни честички во Европа, по улиците во градовите во овие земји се движат стари возила, кои веќе не се пожелни во остатокот од Европа. Додека организациите како што е ХЕАЛ се залагаат за намалување на емисијата од термоелектраните, „олдтајмерите“ ширум Балканот слободно испуштаат издувни гасови и го нарушуваат здравјето на граѓаните.
Во БиХ, според податоците од институтот ИПИ за инженеринг во Зеница, околу 70 проценти од возилата се постари од десет години, а од вкупниот број увезени автомобили во минатата година, 80 проценти имаат мотори со евро 4 стандард.
И додека надлежните институции бегаат од решавање на проблемот, граѓаните се борат. Протестите, како и загадениот воздух, се шират преку границите на државите – Приштина, Скопје, Тузла… Граѓаните на Македонија три години протестираа против загадувањето кое доаѓаше од комбинатот „Југохром“ во Тетово, за конечно да затвори во 2016 година. Затворањето на овој комбинат донесе и видно подобрување на здравјето кај граѓаните. Од организацијата „Екогерила“ во Македонија наведуваат дека двојно се намалил бројот на деца заболени од болести на респираторните органи: „Во 2015 година бројот изнесуваше 31.446, додека во 2017 година се намали на 18.578“, порачуваат од оваа организација.