Се шушка за расцеп во ВМРО-ДПМНЕ. Кој му ги „зготви“ амандманите на Мицкоски
Од една страна конструктивност за постигнување консензус за реформските закони, од друга страна блокада, меѓу другото, и за донесување на истите тие закони. Двојните стандарди што ги применува ВМРО-ДПМНЕ по смената на кормилото во партијата поттикнаа сомневања во политички кругови дека се резултат на разногласијата што дојдоа до израз пред и за време на конгресот за избор на Христијан Мицкоски за лидер, а во кои главни ликови беа дел од најискусните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во овој собраниски состав.
Прв повпечатлив сигнал во таа насока беше блокадата со над 35 илјади амандмани на законот за јазици, со што практично е закочен целиот парламент, вклучително и законите од планот 3-6-9. И тоа во време кога новото опозициско раководство преговара во работни групи со СДСМ за усогласување на системските закони од реформскиот пакет и за измени во изборната регулатива.
Според собраниски извори, зад иницијативата за блокирање на Собранието со рекорден број амандмани досега, всушност, стојат дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со подолг стаж во законодавниот дом, кои во декември бараа одложување на конгресот за избор на нов партиски лидер и потоа го оспорија легитимитетот на настанот во Валандово. Тука пред сѐ се спомнува претходниот и долгогодишен претседател на парламентот Трајко Вељаноски, како и пратениците Илија Димовски (доскорешен координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ) и Антонио Милошоски. Со нив вчера се обидовме да стапиме во контакт за да ги потврдат или отфрлат ваквите наводи, ама тие не одговараа на телефонските повици.
Дури има и неофицијални информации дека Мицкоски, чие политичко искуство е далеку поскромно, како и неговите сега најблиски соработници биле затечени од идејата да се поднесат толку многу интервенции на законот на кој претседателот Ѓорге Иванов стави вето. Особено поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ веќе трет месец не учествува во работата на законодавниот дом, така што не беше присутна ниту кога се гласаше законот за јазици, за кој претходно поднесе „само“ осумдесетина амандмани. Но, наводно, раководството на ВМРО-ДПМНЕ застанало зад „амандманската блокада“ откако дел од пратениците од другото крило најавиле дека би можеле да формираат посебна пратеничка група.
Иако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе се врати во парламентот кога ќе почне амандманската расправа за законот за јазици, индикативно е тоа дека повеќето изјави околу поднесените амандмани во изминатиот период ги даваше пратеникот Димовски. Тој се појави наеднаш повторно на отворена сцена, иако еден период се дистанцираше целосно од јавноста, откако веднаш по конгресот се повлече од позицијата координатор на пратеничката група.
Второто изненадување го приреди пратеникот Милошоски, со иницијативата за распишување оглас за избор на нов состав на ДИК, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ застана зад оваа идеја дури откако таа беше објавена во јавноста и доставена во парламентот. Потегот на Милошоски ги изненади и пратениците на СДСМ, од каде што стигна информација дека претставници на ВМРО-ДПМНЕ, претходно, во една од работните групи со владејачката партија настапиле со барање да се разговара за измена на концептот на ДИК пред да се оди на избор на нов состав. Соговорници од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Милошоски на една од координациите меѓу раководството и пратениците спомнал дека треба да се бара избор на нови членови на ДИК и дека веќе се многу пробиени роковите за тоа. Сепак, нема информација дали форумите на ВМРО-ДПМНЕ донеле заклучок за официјализирање на овој негов предлог.
Во ситуација на внатрепартиско разногласие, партиски извори велат дека новите раководни структури на партијата тешко воспоставуваат контрола врз пратеничката група, што влијае и на преговорите со владејачката СДСМ, бидејќи Мицкоски не е сигурен на колку точно пратеници може да смета за одредено прашање. Од друга страна, можно е наводниот судир да е фингиран за да опозицијата може да ја опструира владејачката гарнитура, во ситуација кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ е под силен притисок од меѓународните фактори за враќање во парламентот. Врвот на опозициската партија се соочува и со дипломатски притисок за засилен политички дијалог со власта за градење консензус, особено за реформскиот процес и за проблемот со името, во период на големи надежи за добивање датум за преговори со ЕУ и покана за членство на Македонија во НАТО во наредните месеци.
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ влезе во овој собраниски состав со 51 пратеник како најголема пратеничка група, која се подели потоа на 10 „подгрупи“, наспроти 49 пратеници од предизборната коалиција на СДСМ. Но сега опозицискиот табор во парламентот е значително намален, откако тројца парламентарци од помалите партии од коалицијата заминаа од пратеничката група, на шест други им беше одреден притвор за настаните на 27 април, а преостанатите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не се веќе единствени како некогаш, што првпат беше манифестирано со писмото со кое се бараше одложување на конгресот во Валандово. Зад таа иницијатива, покрај Вељаноски, Милошоски и Димовски, застанаа и други поискусни кадри на ВМРО-ДПМНЕ кои се пратеници моментно, како Борис Змејковски, Благоја Деспотовски, Слаѓана Митовска, Нола Исмајловска, Нада Ципушева. Александра М. Митевска