Се формира национално тело за унапредување на правата на лицата со попреченост


Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост попладнево во Владата одржа конститутивна седница.
Телото е формирано со одлука на Владата, а негова цел ќе биде да работи на унапредување на сите сегменти од животот на лицата со попреченост.
Во него членуваат двајца претставници од Владата, 11 претставници од надлежните министерства, еден претставник од Националниот совет на инвалидски организации и еден претставник од родителите на деца со попреченост.
– Работата, задачите и успехот на ова Национално координативно тело претставува директно исполнување на принципите и обврските на државата кон европските стандарди и ЕУ интегративните процеси од оваа област, изјави координаторот на Националното тело Спасе Додевски.
Тој најави наскоро формирање и тело за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата кое ќе работи во рамки на Канцеларијата на Народниот правобранител. За таа цел, како што информира, одобрени се средства за вработување три лица кај Омбудсманот кои ќе работат на оваа проблематика.
– Со тоа РМ ќе ја реализира обврската за формирање квалитетен механизам за спроведување и следење на Конвенцијата според насоките од неа, рече Додевски.
Претставници на Националното координативно тело ќе бидат и дел од државната делегација која од 9 до 11 септември ќе учествува на 20. сесија на Комитетот за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации што ќе се одржи во Женева.