Се фаќаат врски за да се заврши работа на шалтер


За да добијат некоја услуга од јавна администрација, граѓаните треба да фаќаат врски. Така сметаат 63 отсто од испитаните лица во рамките на истражувањето што го направи центарот за европски стратегии „Евротинк“. Вкупно 82 отсто од граѓаните имаат поплаки и се жалат на односот на вработените во јавните институции.

Најголемо е незадоволството од здравството и од центрите за социјална работа, а најдобро поминуваат, според реакциите, во Министерството за внатрешни работи, односно во службите за издавање патни исправи.

Истражувањето е спроведено во соработка со Македонска платформа против сиромаштија, а беше презентирано пред претставници на Министерството за информатичко општество и администрација.

Според Дијана Жупановска од „Евротинк“, сето тоа укажува на клиентелистичкиот однос и недостапноста на услугите за сите граѓани. Моментно државата обезбедува околу 150 јавни услуги кон граѓаните. Според извештајот на народниот правобранител од 2016 година, втори по бројност се претставките што се однесуваат на работата на органот надлежен за матична евиденција на граѓаните, Управата за водење на матични книги, особено одделението што ги покрива матичните подрачја за Град Скопје и неговите општини.

Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија, појасни дека ова истражување е дел од активностите на кои веќе една година работат заедно со Фондот за население на ОН во областа на популационите регистри. Од тоа произлегла соработката со Министерството за информатичко општество и јавна администрација во насока на разработка на најавуваниот електронски регистер на население.

– Извештајот лоцира дека најголем проблем имаат оние што се неуки или обесправени. Здравствените услуги или она што им следува како право во сферата на социјалната заштита се едни од најкритичните бидејќи во таа категорија најчесто се најсиромашните и најранливите граѓани – вели таа.

Заклучок од платформата е дека семејствата што живеат во сиромаштија не излегуваат од неа, туку таа се пренесува и на другите генерации.

Инаку министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски минатата недела рече дека ќе се направи реорганизација на администрацијата.

Точно колку административци има на број не знаеше да каже, ама уверува дека нема да има отпуштања. Ќе имало вработувања согласно потребите. Додаде дека има одлив од администрацијата, така што бројот е намален.

А.С

 

.