Се урна мал авион за обука на грчкото Воздухопловство


Мал авион за обука на грчкото Воено воздухопловство се урна неколку минути по 12 часот по локално време (11 часот по средноевропско време) во рурална област во близина на грчкиот град Каламата на полуостровот Пелопонез, јави дописникот на МИА од Атина.

Авионот од типот „Т2 Бакај“ се урнал од за сега непознати причини, а според некои информации, по падот се запалил и предизвикал прекин на електричната енергија во поширокиот регион.

Според првичните информации во грчките медиуми, двајцата пилоти успеале со падобранци навреме да го напуштат авионот и не се повредени.

Надлежните служби на грчкото Воено воздухопловство започнаа истрага за причините за падот.