Се снима филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски


Екипата која работи на филмот „Ефектот на среќа“ (The happiness effect) во режија на Борјан Зафировски, повеќе од две недели снима на различни локации низ Скопје и Охрид, а во моментов се работат сцени во студиото на „Fx3x“.

Главните ликови ги толкуваат: Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, а во останатите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Покрај тоа што е режисер, Зафировски го напиша и сценариото во соработка со познатиот македонски драматург и писател Дејан Дуковски.

Дејството во „Ефектот на среќа“ е сместено во Македонија, а приказната е универзална и е поврзана со личната потрага по среќа и по смислата на животот.

– Работата на еден игран филм е макотрпен процес кој честопати трае со години. Долг е патот од идејата до реализацијата, но досега изодевме голем дел од тој пат. Задоволен сум од соработката со целата екипа и секако од актерите, со кои комплетно се разбираме во тек на креативниот процес што е показател дека се приближуваме кон добар производ, изјави режисерот Зафировски. Додаде дека откако ќе завршат со снимањето следува монтажа, постродукција и уште многу други сегменти кои се клучни делови од создавањето на еден игран филм.

„Ефектот на среќа“ е во продукција на „Ново Македонско Видео“, а најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенција за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу Момент“, „Видео Хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово.

– Со самиот факт дека во оваа приказна влегоа и Националниот центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово, е доволен доказ дека е препознат потенцијалот на „Ефектот на среќа“. Земајќи ја предвид универзалноста на приказната во која може да се пронајде секој човек, како и квалитетот на производот околу кој уште од самиот старт не правиме никакви компромиси, веруваме дека ќе ни се отворат врати и за голем број на фестивали и кон интернационалниот пазар, истакна продуцентот Сашо Пешев.

Сашко Коцев, кој го игра ликот на Игор, истакна дека е задоволен од тоа како досега се одвива процесот и атмосферата на снимањето на филмот.

Како дел од активностите поврзани со филмот „Ефектот на среќа“ на социјалните мрежи (Facebook, Instagram, Twitter) е отворен повик до сите заинтересирани да постираат видео или фотографија од тоа што ги прави среќни и да го искористат хаштагот #TheHappinessEffect. Најдобрите видеа/фотографии ќе се појават во филмот режиран од Борјан Зафировски.

Снимањето на „Ефектот на среќа“ ќе продолжи и во следните десетина дена на различни локации во Скопје.