Се проширува тимот на 1ТВ, Јадранка Костова се враќа на телевизијата


Се проширува тимот на 1ТВ. Во најновиот проект, кој ќе почне од понеделник, во отвореното студио од 14 до 23 часот, уредници на денот во текот на неделата ќе бидат искусни новинари, меѓу кои и актуелната директорка на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова. Таа вели дека во 1ТВ ќе има дополнителен ангажман, еднаш неделно, ќе има и разговор со гостин, меѓутоа и натаму останува на позицијата во „Фокус“. Фирмата што го издава неделникот се води на нејзино име, а брендот е на сопругата на новинарот Никола Младенов. Промена на сопствениците во „Фокус“ нема.
„’Фокус’ не го напуштам. Со сопругата на новинарот Никола Младенов, која го носи брендот на неделникот, и неговата сестра го истуркавме овој период. Опстојавме со сите препреки што ги имавме и никогаш не би се откажала од неделникот. За мене вистински предизвик беше понудата на 1ТВ, ама и тоа да работам со колеги со кои и претходно сум работела. Ангажирана сум да уредувам еден ден во отвораното студио“, рече Костова.
Во телевизијата преминува и новинарот Александар Чомовски, кој досега беше на проект во телевизија „Телма“. Тој, освен што ќе ги уредува содржините еднаш на ден, ќе води и емисија. Се враќа „Чуму“, вели, како трибина на домаќински муабети.
„Имам еден уреднички ден, каде што ќе го осмислувам концептот на денот. Во 1ТВ ме заинтересира проектот на отвореното студио, со комплетна самостојност во креирањето и реализацијата на идеите. Првпат се соочувам со еден интересен сплет, на младост и искуство. Тоа за мене ќе биде дополнителен лајтмотив, затоа што во професијата секогаш сум се обидувал во рамките на проектот да растат и нови телевизиски имиња, а тука видов веќе неколку новинарски ликови кои се податливи да израснат во нови шоумени. Целокупниот концепт на отвореното студио трасира целосен трилинг како што се: информација, доверба и шоу-програма, што во основа е телевизијата“, вели тој.
Освен главниот и одговорен уредник – Ацо Кабранов, уредници се Сашо Ордановски и Анета Кочишки.
„Петмина домаќини сме на ден, сите ќе имаме разговори во студио, а во редовната програма ќе се емитуваат филмови, ќе има серија, половина час мода и половина час „Ексклкузив“. Новина е емисијата со Драган Вучиќ, такси-возач. Останува емисијата со Тијана Дапчевиќ и Сергеј Варошлија. Освен политика, ќе имаме и емисии од животот, за кои граѓаните имаат интерес да ги гледаат. Тимот за сево ова е подготвен“, вели Кабранов.
В.М.Л.