Се полнат капацитетите во болниците, променливото време зема замав


Болничките капацитети почнаа да се полнат. Вирусната патологија, појавата на бактерии е зголемена поради контактот на децата што го имаат меѓу себе во  училиште и во градинка. Меѓутоа, на нарушување на здравјето кај нив, ама и кај возрасните, влијание има променливото време и намалувањето на температурите. На Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ хоспитализирани се 70 дечиња, а капацитетот е за 90. Амбулантски во текот на денот, пак, се извршуваат по 100 прегледи. Најчести дијагнози кај најмладите пациенти се ларингитиси, зголемен е бројот на дечиња со бронхитиси, дури кај 80 отсто од пациентите застапена е белодробната патологија. Сè уште нема израсени пневмонии освен кај помали дечиња и доенчиња. Директорот на институтот д-р Ангелчо Андоновски вели дека децата најчесто се жалат на кашлица, течење на нос и висока температура.

„Родителите треба да ги препознаат првите симптоми, да реагираат на таа појава на патологија, ако се развива во друг правец неопходна е посета на педијатар, правење анализа на крвна слика, после прегледот на лекар, воспоставување на дијагноза и давање на правилен третман. Не секој пат со антибиотик, но доколку се наложува од бактериски инфекции тогаш треба да се даде антибиотик. Треба да се работи на подобрување на имунитетот на децата, првично со давање на здрава исхрана, витаминска терапија, ама и давање на стимулативно имунолошка терапија. Со природна исхрана, збогатена со витамини и минерали организмот може да биде поиздржлив на она што следува“, препорачува Андоновски.

Температурните разлики се и причина за појава на мозочни удари. Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Иван Барбов, за „Независен весник“ вели дека на Клиниката хоспитализирани во моментов се 24 пациенти.

„Временските услови можат да влијаат на зголемување на бројот на пациенти со мозочни удари, меѓутоа подолгорочно. Последици можно е да имаат хронично болните, сите ризик-фактори знаат да варираат и да доведат до мозочен удар, како што е покачениот крвен притисок, шеќерната болест, нарушениот ритам на срцевата преткомора, ама и зголеменото ниво на масти во крвта“, подвлече Барбов.

Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Христијан Костов, вели дека речиси и да нема место на интензивна на Одделот за неврологија каде што лежат шест пациенти со мозочен удар.

„Зависи од формата на мозочниот удар. Ако е полесна форма, нема потреба од интензивно лекување, да ми мериме 24 часа параметри како дишење, ЕКГ. Доколку е полесна форма, во тој случај лежат во болничките соби во кои нема мониторинг на пациентот. Ако е во потешка состојба, ќе мора пациентот да лежи на интензивна“, додаде Костов.

Лекарите посочуваат, за да се спречат мозочните и срцевите удари, важна е превенцијата за хронично болните, оти лекувањето може да го намали ризикот од настанување на мозочен удар. Во земјава и во светски рамки, застапеноста на мозочните удари кај популацијата е на трето место, после кардиоваскуларните и малигните заболувања.

Вероника Мароска-Леова