Се намалува цената на парното за 3,1 отсто


Граѓаните ќе плаќаат пониски сметки за парно греење во Скопје. Цената на топлинската енергија која ќе ја наплатува „Балкан енерџи“ се намалува за 3,1 отсто, греењето преку топланата „Скопје север“ ќе биде за 0,76 отсто поевтино, додека, корисниците на „ЕЛЕМ Енергетика“ ќе плаќаат за 1,13 отсто пониски цени, одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика. Цените ќе важат од август.

Намалувањето на затоплувањето доаѓа во време кога цената на природниот гас, кој учествува со 60 отсто во пресметките на трошоците, е зголемена за 43 отсто во однос на лани. Снижувањето на цените, објаснуваат од РКЕ, е изводливо и во овие услови, заради одлуките за преполовување на маржата, како и заради намалување на дел од прифатливите трошоци.

„Обртните средства за производство на топлинска енергија кои се признаваат се намалуваат на еден процент, за разлика од лани, кога се признаваа два проценти. Во делот на дистрибуцијата, наместо како досега кога се признаваа 12 отсто загуби, сега РКЕ признава 11,5 отсто загуби. Обртните средства за дистрибуцијата исто така се преполовени, а маржата за снабдувањето се намалува од четири на два отсто“, информираше претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Помали сметки ќе плаќаат и исклучените од системот за парно греење, каде што фиксниот трошок се намалува за 8,4 отсто. Тие и во иднина ќе продолжат да ги плаќаат сметките, иако не ја користат услугата. Бислимовски најави дека во септември Комисијата ќе оформи работна група во која ќе учествуваат и дистрибутерите на топлина и граѓаните од „Но пасаран“ која ќе треба да донесе конечни решенија за ова отворено прашање.

Во Скопје има околу 50.000 корисници на системот за парно греење, и 13.000 домови кои самостојно се исклучиле. Голем дел од нив биле клиенти на топланата „Скопје север“, која според Бислимовски е во многу тешка состојба.

„Во 2000 година преку „Скопје север“ биле вклучени 3.000 домаќинства, во 2009 година 2.000 семејства, а сега се 469. Тие користат само 17 отсто од капацитетот на топланата. Заради тоа во наредниот период Комисијата, заедно со Градот Скопје и општините Чаир и Бутел, ќе преземе мерки за да се зголеми бројот на потрошувачи, а со тоа да се создадат услови и таму да се намалува цената“, вели Бислимовски.

Регулаторната комисија вчера одлучи да се намали и цената за дистрибуција на електрична енергија во рамките на комплексот на „ЕЛЕМ енергетика“ за 32 отсто. На овој начин, посочи Бислимовски, треба да им се олесни на компаниите кои се приклучени на системот на овој снабдувач.

БЕГ нема против Градот Скопје да ја земе мрежата

Градското претпријатие за енергетика сè уште нема аплицирано за лиценца во Регулаторната комисија, но, како што вели Бислимовски, од „Балкан енерџи“ немаат ништо против тоа да се вклучи во системот за дистрибуција на топлина и да управува со мрежата. Според првиот човек на Комисијата, тоа е разбирливо, со оглед на тоа што градските власти точно знаат во кои реони на градот треба да се шири дистрибутивната мрежа. На тој начин ќе се задржи трендот на зголемување на корисници во системот на БЕГ, но и активно ќе се работи на намалувањето на загадувањето во Скопје.