Се монтира акцелератор за болните од рак „заборавен“ во подрумот на битолската болница


Клиничка болница во Битола денеска почна да инсталира акцелератор за терапија на лица заболени од канцер и се очекува тој да биде во функција за неколку месеци.

Заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски денеска ја посети болницата при што изјави дека акцелераторот необјасниво долго бил во визбите на таа јавна здравствена установа, но со денешниот почеток на монтажата, овој важен медицински апарат конечно ќе биде во функција на пациентите.

– Јавноста знае дека акцелераторот долго време беше во подрумот на болницата. Со промената на власта, Министерството за здравство се зафати со работа да се пристапи кон монтирање на акцелераторот. Ги исконтактиравме сите изведувачи, се работи со одредена динамика и се надевам дека во следните месеци ќе се пушти акцелераторот, со што пациентите од овој регион не ќе мора да патуваат во Скопје за оваа здравствена услуга. Се надеваме дека за кратко време, месец до два, ќе се изврши технички прием на овој софистициран апарат за да функционира. Нашата намера е до детал да ги спроведеме сите неопходни работи – рече Чакаровски.

Акцелераторот беше набавен во 2013 година.