Се испитува зошто почина родилка од Гевгелија


Гевгеличанката Елизабета Савиќ-Динева (31) вчера беше погребана во Гевгелија, откако почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) каде била префрлена откако ѝ се искомплицирала здравствената состојба по породувањето на 29 јуни.

Блиски на жената во информациите што ги споделуваат на социјалните мрежи обвинуваат за лекарска негрижа.

Савиќ-Динева се породила на 29 јуни  во Гевгелија, со царски рез и на свет донела здраво бебе. По три дена таа била пуштена дома заедно со бебето.  Состојбата ѝ се влошила додека била дома, добила грчеви, и оттаму заминала во болницата во Гевгелија. Веднаш била препратена на Клиниката за неврологија во Скопје, а оттаму на КАРИЛ каде и починала.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „Независен весник“ велат дека почнале постапка согласно своите надлежности. Односно, Инспекторатот прибира податоци од матичниот доктор и матичниот гинеколог на Савиќ-Динева, како и од специјалистите на клиниките каде подоцна била лекувана.

Од Министерството за здравство соопштија дека дека „е потребно да се почека обдукцискиот наод и да не се шпекулира со причините за  смртта на родилката , бидејќи може не е поврзана со породувањето“.

Во октомври 2015 година, во гевгелиската болница на породување почина родилката Маја Кадиева. За смртта беше покренато обвинение против двајца анестезиолози и двајца гинеколози. Вештаците утврдија дека  смртта настапила насилно, од задушување, поради погрешна интубација.