Се издава „Итен 24“, иако има термини за преглед


Од воведувањето два нови упати „Итен 24“ и „Упат без термин“ на 23 февруари во рамки на новата верзија на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“ е утврдено дека има случаи каде постои сомневање кое се однесува на правилноста на упатувањето со упатот „Итен 24“. Се анализираат причините зошто бил издаден упат„Итен 24“ на пациенти, а имало термин за преглед.

Ова денеска го истакна советникот во Управата за електронско здравство, Жаклина Чагороска, која рече дека ќе се преземат мерки во соработка со Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со контролата во ФЗОМ, Лекарската комора…за да се следат ваквите случаи доколку тие сметаат дека има некакви неправилности да се реагира. На телефонскиот број 15444 и на меил  [email protected]  може да се пријават проблеми.

„Итен 24“ се издава доколку лекарот кој врши преглед утврди дека пациентот заради неговата состојба (животозагрозувачка/итна состојба) е неопходно да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа, а „Упат без термин“ се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните седум дена. Овој тип упат ќе се користи доколку во установата, каде се упатува пациентот не постои слободен термин во следните седум дена за т.н. регуларен преглед.

Таа рече дека вчера се издадени над 96.000 упати за различни специјалности, дијагностички процедури и лаборатории и над 86.000 рецепти.

– Во текот на вчерашниот ден се издадени над 4.500 упати од овој тип од кои 2.700 се „Итен 24“, од нив над 1.000 издадени од матичен лекар и околу 1.900 од типот „Упат без термин“ од кои над 1.600 од матичен лекар. Овие бројки ќе ги следиме и ќе се анализираат, ќе се следи дали системот функционира на оној начин на кој е предвиден односно дали овие упати се издаваат за оние потреби за кои беа наменети, рече Чагороска.

Најголем број издадени упати „Итен 24“ имало за РТГ снимање, интерна медицина, инфектологија, ортопедија, пациентите најмногу се упатувани во Градската општа болница „8 Септември“ и во општите болници низ градовите, а најмногу за есенцијална (примарна) хипертензија, адбоминална и карлична болка, површинска повреда на глуждот и стапалото, акутен бронхитис, но и за општ преглед за испитување на лица без тегоби или наведена дијагноза…

Најголем број издадени „Упати без термин“ имало на Универзитетската клиника за радиологија и во општите болници низ градовите, најмногу за специјалностите интерна медицина, РТГ, ортопедија, урологија и тоа за есенциална (примарна) хипертензија, дијабетес мелитус тип 2, абдоминална и карлична болка, акутен бронхитис…

Чагороска посочи дека воведените новини се однесуваат на воведување можност: да се прикачи резултат од микробиологија и патологија на издаден упат, да се издава електронска пријава за смрт која наскоро ќе ја пуштат во продукција, за внесување гинеколошка и акушерска историја за пациентките кои се на овие одделенија во сите здравствени установи, како и да се евидентираат законските обрасци од страна на приватните лекари кои не се дел од мрежата на здравствени установи.

– Наскоро со комисиите кои ќе бидат формирани за следење на начинот на упатување ќе ги анализираме податоците. Во текот на утрешниот ден ќе ги слушнеме забелешките на Лекарската комора и ФЗОМ. Техничките проблеми кои се појавија во текот на вчерашниот ден се отстранети, рече Чагороска.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ургентните центри се на располагање за која било итна состојба и дека таму не треба пациентот да дојде со упат.   – Останува опцијата кога и да дојде пациент ако треба да биде веднаш прегледан, на пример на токсикологија лекарот може веднаш да го внесе како итен случај, а тие кои имаат лежечки капацитети да го стават во стационар, додаде Чагороска.