Се извини навивачот на Челзи, кој го навредуваше Рахим Стирлинг


Навивачиот на Челзи, Колин Винг, кој беше обвинет за расистички навреди кон напаѓачот на Манчестер Сити, Рахим Стирлинг, негира дека го навредувал англискиот репрезентативец.

Винг (60) во интервју за „Дејли Мејл“ изјави дека го користел зборот „Manc“, кој ги карактеризира луѓето од Манчестер, а не „Black“ (црн) на адреса на Стирлинг.

– Сакам да се извинам најискрено на Рахим. Разочаран и засрамен сум од однесувањето. Тоа не беше расистичкa манифестација, но и покрај тоа не беше правилно. Знам дека пцуењето е лошо, но изгубив контрола. Веќе 50 години посетувам натпревари на Челзи и секогаш седам зад голот, па често сум во кадар. Ако сум користел такви зборови, некогаш некоја камера ќе ме снимеше досега, рече Винг.

Поради своето однесување во текот на натпреварот, Винг ја изгуби својата работа и сезонскиот билет за натпреварите на Челзи.